ФФМ го елиминира Тиквеш, Вардар со службени 3-0 во Купот

Натпреварувачката комисија на Фудбалската федерација на Македонија ја усвои жалбата на Вардар и го елиминира Тиквеш од Купот на Македонија. Осминафиналниот натпревар во Скопје, кој кавадарчани го добија со 3-1, е регистриран со службен резултат 3-0 за Вардар, кој на тој начин се пласира во четвртфиналето.

Комисијата утврди неправилен настап на фудбалерот Окере Ебубе Висдом, а одлуката ја донесе врз основа на член 99 од Правилникот за натпревари на ФФМ и Пропозициите за Куп-натпреварувањето за сезоната 2026/27. Тиквеш е казнет и со автоматска парична казна од 1.000 евра.

Според соопштението, Комисијата одлучила да не покренува дополнителни дисциплински пријави за да не влијае врз резултатите и пласманот на Тиквеш во Првата МФЛ и да не бара вина кај фудбалерите. Од ФФМ наведуваат дека одговорноста е исклучиво кај лицата што клубот ги назначил за администратори во системот КОМЕТ и дека федерацијата нема да прави компромиси со регуларноста ниту да подлегнува на притисоци.

ФФМ додава дека за Висдом на 29 октомври бил внесен нов медицински документ, но и дека сличен сомнеж постои и за уште еден фудбалер на Тиквеш, Андреј Велков, чија медицинска белешка, според федерацијата, е без печат од медицинска установа. Одлуката ја пренесе МакФудбал.

Како почна случајот

Тиквеш официјално одговори на жалбата што Вардар ја поднесе до Фудбалската федерација на Македонија по елиминацијата во осминафиналето на Купот на Македонија. Кавадарчани признаваат дека направиле пропуст во системот КОМЕТ, но тврдат дека станува збор за техничка грешка, а не за намерен фалсификат.

Тиквеш во средата славеше со 3-1 во Скопје и се пласираше во четвртфиналето. Жалбата на Вардар се однесува на фудбалерот Окере Ебубе Висдом, кој настапи од првата минута со бројот 23 и го постигна првиот гол на натпреварот во 49тата минута.

Што бара Вардар

Според информацијата што ја објави ФФМ, жалбата пристигнала во четвртокот, а Вардар ја најавил уште во записникот од натпреварот. Во неа се наведува дека во досието на Висдом во КОМЕТ, во делот за лекарски преглед, била приложена спортско-медицинска потврда на име на Милош Спасовски, со датум на преглед 2 јули 2026 година. Спасовски, според жалбата, не е член на Тиквеш од 3 септември.

Вардар се повикува на одредбите од Пропозициите за Куп-натпреварувањето за сезоната 2026/27 и на Правилникот за натпреварување на ФФМ. Клубот бара жалбата да биде усвоена, да се утврди неправилен настап на фудбалерот и Тиквеш да биде елиминиран од понатамошниот дел од Купот.

Одговорот од Кавадарци

Од Тиквеш тврдат дека Висдом, како и сите останати фудбалери, има извршено уреден лекарски преглед, а грешката настанала при внесувањето на податоците. Клубот категорично ги отфрла обвинувањата за фалсификат и ја објави оригиналната лекарска потврда за фудбалерот, која, според клубот, е издадена на 26 јули оваа година.

Подоцна во текот на денот се огласи и ФФМ. Федерацијата појасни дека во ниту едно свое известување не тврдела дека Тиквеш фалсификувал медицински документ, туку дека станува збор за податоците внесени во КОМЕТ. Според пропозициите за Првата лига, потврдата за лекарски преглед задолжително се внесува во системот пред почетокот на првенството и по истекот на нејзината важност.

ФФМ наведува дека Тиквеш во четвртокот во 14:26 часот ја прикачил потврдата на име на Висдом, а една минута подоцна документот на Спасовски го означил како неактивен. Федерацијата додава дека ова не е првпат да се констатира несоодветно внесување податоци од страна на Тиквеш.

Освен Висдом, за Тиквеш на натпреварот погодија Н’Фанли Сила и Емануел Лавал, а единствениот гол за Вардар го постигна Бобан Николов.