Дисциплинската комисија на Евролигата ги казни Црвена Звезда и Партизан поради инцидентите предизвикани од навивачите на вечното дерби од седмото коло. Посериозна санкција доби Звезда, која мора да плати 115.000 евра, а на следните пет гостувања нема да има поддршка од своите навивачи.
Звезда е казнета поради инциденти предизвикани од нејзините навивачи, кои ја загрозиле физичката безбедност на присутните, но и поради навредливо однесување, употреба на ласерски покажувачи, фрлање предмети и влегување на теренот.
Партизан мора да плати 49.000 евра поради палење пиротехника, ласерски покажувачи, навредливо однесување на навивачите, фрлање предмети, влегување на теренот и недоволни безбедносни мерки.
На Партизан му е изречено и условно ограничување на капацитетот на салата во текот на сезоната 2026/27. Оваа мерка ќе се активира доколку клубот повторно го прекрши истиот член од дисциплинскиот правилник.
Партизан го доби дербито на 22 октомври со 85-82 по продолжение, а одлучувачката тројка во финишот ја погоди Алесандро Пајола. Карлик Џонс со 26 поени беше најефикасен кај Партизан, додека Крис Џонс постигна 22 поени за Звезда.
Според српскиот јавен сервис РТС, Звезда е казнета и со дополнителни 7.000 евра поради навредливи скандирања на навивачите на натпреварот против Хапоел од Тел Авив во второто коло. Со 7.000 евра е казнет и Панатинаикос поради однесувањето на навивачите на натпреварот против Баскониа.
По девет кола, Панатинаикос е на врвот на табелата со учинок 7-2, Црвена Звезда е трета со 6-3, а Партизан е на 12тото место со четири победи и пет порази.
За казните пишуваат Basketnews и TalkBasket.
















