Скопје од петок станува центар на европскиот кик бокс. Кик бокс маитаи федерацијата на Македонија е домаќин на Европското првенство на ВАКО за сениори, ветерани и параспортисти, кое ќе се одржи од 6 до 15 ноември во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
На првенството се пријавени 1.025 натпреварувачи од 41 европска држава, со вкупно 1.191 натпреварувачки настап. Станува збор за еден од најзначајните меѓународни настани во кик боксот во Европа.
Официјалната програма почнува на 6 ноември, а свеченото отворање е закажано за недела, 8 ноември, во 17 часот. Натпреварите ќе се одржуваат од 9 до 14 ноември, а настанот завршува на 15 ноември.
Македонската репрезентација ќе настапи со 33 натпреварувачи и вкупно 34 натпреварувачки настапи. Екипата ја предводи претседателот на федерацијата и селектор Дејан Митровски Урко, заедно со тренерот Драган Атанасовски и помошниот стручен штаб.
„Нашата репрезентација е подготвена и со посебна мотивација го очекува настапот на ова Европско првенство. Подготовките се наоѓаат во финална фаза. Верувам дека секој од нашите репрезентативци ќе го даде својот максимум, ќе се бори достоинствено и ќе ја претставува Македонија со гордост“, изјави Митровски.
Тој ја истакна и спортската цел на селекцијата. „Нашата спортска цел е освојување најмалку четири медали, а веруваме дека со посветеноста, квалитетот и мотивираноста на нашиот тим можеме да го оствариме тоа“, рече Митровски.
Покрај натпреварите, во Скопје ќе се одржат и Генералното собрание на ВАКО Европа и Балканското изборно собрание. Предвидени се и семинари за судии и тренери, како и едукации за антидопинг и за заштита и безбедност на учесниците.
Во составот на репрезентацијата, меѓу другите, се Стефан Михајловски, Климент Грозданоски, Максим Митровски, Леа Бошевска, Марија Димовска, Анастасија Јанческа, Кристина Спиркоска, Викторија Варадинова и Теа Велковска.
Првенството е дел од официјалниот календар на WAKO, светската асоцијација на кик бокс организации.















