Евролигата објави пакет измени во правилата што ќе важат на првото издание на Суперкупот во 2026 година, како и во сезоната 2026-27 во Евролигата и БКТ Еврокупот, пренесуваат Sportando и Eurohoops .
Највидливата промена се однесува на дефиницијата за шут. При скок-шут или шут во движење, акцијата започнува кога играчот ќе ги подигне топката и рамениците кон кошот, при што мора да се наоѓа во предното поле. Продорот кон кошот ќе се оценува одделно, најчесто во просторот меѓу линијата за три поени и кошот, откако играчот ќе ја собере топката и ќе го продолжи движењето до нејзиното исфрлање.
Страничниот контакт познат како „rip-through“ секогаш ќе се смета за обичен прекршок, а не за прекршок при шут. Контактот со дланката по исфрлањето на топката е дозволен само ако е благ и чист, додека ударот во страничниот дел од дланката, зглобот, раката или телото и натаму ќе се санкционира.
Ако одбранбен играч навлезе во просторот за доскок и шутерот стапне на неговото стапало, прекршокот ќе се суди како флагрантен фаул.
Неспортскиот фаул е заменет со две категории. Нарушувачкиот, односно „disruptive“ фаул, се однесува на контакт што го нарушува ритамот без да биде опасен, додека флагрантниот фаул опфаќа груб, опасен или недозволен кошаркарски контакт. Казната останува иста за двете категории, но само флагрантниот фаул ќе се зема предвид при дисквалификација.
Техничките грешки се поделени во Категорија 1 и Категорија 2. Во првата влегуваат непочитувањето, исмевањето, попречувањето на видното поле и симулирањето, а тие се бројат при дисквалификација. Во втората категорија се одложувањето на играта, висењето на обрачот и голтендингот при последното слободно фрлање, кои не се земаат предвид за дисквалификација.
Играчот ќе биде дисквалификуван по две технички грешки од Категорија 1, два флагрантни фаула или по еден прекршок од двата вида. Судиите повеќе нема да изрекуваат предупредување пред техничка грешка за однесување или симулирање.
Тренерот автоматски ќе биде дисквалификуван ако тој или некој од клупата влезе на теренот и го попречи противничкиот контранапад. Тренерите ќе имаат по два предизвика на натпревар, со утврдени ограничувања околу утврдувањето на играчот што го направил прекршокот.
Целта на измените е да се обезбедат потечна игра, поголема безбедност и поизедначен судиски критериум, се наведува во соопштението што го пренесе Eurohoops . Навивачите ќе се сретнат со новите судиски сигнали и називи на прекршоците уште на Суперкупот.
















