Панатинаикос оствари една од најзначајните победи во оваа сезона на Евролигата. Грчкиот тим во десеттото коло гостуваше кај Реал Мадрид и по продолжение победи со 115-112, пренесува Евролигата.
Ѕвезда на вечерта беше Кендрик Нан, кој постигна 33 поени со 11 погодени од 13 шута од игра. Американецот постигна дури 23 поени во четвртата четвртина, што е нов рекорд на Евролигата за една четвртина од сезоната 2007/08 наваму. Претходниот рекорд од 22 поени го држеше Џаред Батлер.
Продолжение по кошот на Фелис
Реал стигна до продолжение со полагањето на Андрес Фелис, со кое го изедначи резултатот на 101-101. Во дополнителните пет минути, сепак, Панатинаикос беше посмирен и успеа да стигне до победата. Двата тима заедно постигнаа 227 поени, што е највисок збир на еден натпревар во оваа сезона, според Еврохупс.
Кај гостите, Матијас Лесор додаде 20 поени и девет скока. Кај Реал најдобар беше Фелис со 27 поени, Алберто Абалде постигна 23, а Тајус Џонс 15, пренесува официјалната страница на Реал Мадрид.
Реал без петмина играчи
Домаќините настапија ослабени, без Факундо Кампацо, Теодор Маледон, Микаел Јантунен, Габриел Дек и Уси Гаруба. Серхио Љуљ, пак, со својот настап постави рекорд, бидејќи ова е негова 20та сезона во Евролигата.
Со поразот беше прекината серијата на Реал од шест последователни победи во Евролигата. Мадриѓаните сега имаат учинок од 6-4, додека Панатинаикос со 8-2 е на врвот на табелата.
Според Баскетњуз, Нан е првиот играч кој постигнал повеќе од 22 поени во една четвртина откако Евролигата ја води ваквата статистика.
















