ФИФА ги избра домаќините на СП за жени во 2031 и 2035 година

Церемонијата по финалето на Светското првенство за жени 2023
Фото: Storm machine / Викимедија комонс (CC BY-SA 4.0)

Светското првенство во фудбал за жени во 2031 година ќе се одржи во САД, Мексико, Костарика и Јамајка, а четири години подоцна домаќини ќе бидат Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска. Одлуката ја донесоа земјите членки на ФИФА на вонредниот онлајн конгрес во Цирих во понеделникот, објави Американската фудбалска федерација.

Првенството во 2031 година ќе биде првото сениорско Светско првенство за жени што ќе се одржи во четири држави. Тоа ќе биде и најголемото досега, бидејќи првпат ќе учествуваат 48 репрезентации, кои ќе одиграат 104 натпревари.

САД ќе бидат домаќини на турнирот по третпат, по првенствата во 1999 и 2003 година, додека Мексико, Костарика и Јамајка првпат ќе бидат домаќини на сениорското Светско првенство за жени. Градовите, стадионите и распоредот на натпреварите ќе бидат објавени подоцна.

„Неизмерно сме почестени и возбудени што ќе го пречекаме светот во САД, Мексико, Костарика и Јамајка. Ова е историски момент за нашите четири земји, но можноста е многу поголема од секој од нас“, изјави претседателката на Американската федерација, Синди Парлоу Коун.

Првенството во 2035 година ќе биде најголемиот настан во рамките на еден спорт што некогаш се одржал во Велика Британија и првото Светско првенство на ФИФА во земјата по 1966 година, наведува Ју-Кеј спорт. И на овој турнир ќе учествуваат 48 репрезентации, а 104 натпревари ќе се одиграат во текот на 39 дена во летото 2035 година.

Кандидатурата предвидува 22 стадиони во 16 градови: 16 стадиони во Англија, три во Велс, два во Шкотска и еден во Северна Ирска. ФИФА подоцна ќе го потврди конечниот список на градови и стадиони. Организаторите очекуваат да бидат продадени околу 4,5 милиони билети, а телевизиската публика ширум светот да достигне 3,5 милијарди гледачи.

„Сите заедно беше нашата визија уште од првиот ден на кандидатурата и токму така сакаме да бидеме домаќини. Еден турнир во четири земји, со наследство што ќе оди далеку подалеку од нив“, се вели во заедничката изјава на четирите фудбалски федерации.