Алиреза Фируџа е победник на пилот-турнирот од новата светска турнеја „Тотал чес“ во Будимпешта, откако во петокот ремизираше со црните фигури против Аниш Гири во одлучувачката армагедон-партија, објави ФИДЕ.
Финалето, како и другите дуели во нокаут-фазата, се играше во два дена. Секој ден се играат седум партии, четири блиц, две брзопотезни и една со скратено класично темпо. Победата во блиц носи еден поен, во брзопотезна партија четири, а во партија со скратено класично темпо осум поени, додека ремито носи половина од соодветниот број поени. Резултатот се пресметува одделно за секој ден, а ако двајцата играчи освојат по еден ден, победникот се одлучува во армагедон.
Гири го доби првиот ден во четвртокот со 11-9. Во петокот сите четири блиц-партии завршија со победа на еден од играчите. Гири ја доби првата со белите фигури, Фируџа одговори со две последователни победи, а Холанѓанецот ја доби четвртата со црните фигури, за 2-2.
Фируџа потоа ја доби првата брзопотезна партија со црните фигури, а по ремито во втората водеше со 8-4 пред партијата со класично темпо. Гири мораше да победи во неа за да ја освои титулата без тајбрејк, но партијата заврши нерешено. Така, Фируџа го доби вториот ден со 12-8, па финалето се решаваше во армагедон.
Во армагедонот Гири играше со белите, а Фируџа со црните фигури, со предност дека и ремито му носи победа. Партијата заврши нерешено по 35 потези, па Французинот ја освои титулата, наведува Тотал чес.
Третото место го освои Фабијано Каруана, кој двапати го совлада Максим Вашје-Лаграв, во четвртокот со 11-9, а во петокот со 10,5-9,5. Французинот по блиц-партиите водеше со 3,5-0,5, но Американецот се врати со победа во брзопотезната партија.
Магнус Карлсен заврши на 17то место, откако во армагедон со црните фигури го победи Владислав Артемиев. Норвежанецот претходно не ја одигра партијата со класично темпо, па Артемиев го доби денот со 15,5-4,5. Ханс Ниман заврши на петтото место по победата над Јан-Кшиштоф Дуда во армагедон, а Јан Непомњашчиј беше седми.
Турнејата „Тотал чес“ е развиена од организаторите на турнирот „Норвешка чес“, со одобрение од ФИДЕ. Таа ги собира 24-те најдобри шахисти и шахистки, кои ќе се натпреваруваат на четири турнири во големи светски градови, во три дисциплини: класично темпо, брзопотезен шах и блиц.
















