Луис Хамилтон во недела на Гран прито на Сао Пауло ќе ја вози својата јубилејна 400та трка во Формула 1. Британецот така ќе стане вториот возач во историјата со 400 трки, по Фернандо Алонсо.
Седумкратниот светски шампион дебитираше со Мекларен на Гран прито на Австралија во 2007 година, кога заврши на третото место. Сега, во својата 20та сезона во елитниот шампионат, возачот на Ферари има 106 победи, 105 пол-позиции и 209 качувања на подиумот, што се рекорди во Формула 1, потсетува официјалниот сајт на Формула 1.
Бразил има посебно место во неговата кариера. Токму на Интерлагос во 2008 година ја освои својата прва светска титула, а со седумте титули го дели рекордот со Михаел Шумахер.
Оваа сезона Хамилтон ја слави првата победа со Ферари на Гран прито на Барселона-Каталуња. Со тоа го постави и рекордот за најдолг временски распон меѓу првата и последната победа, од 19 години и четири дена, со што го престигна Кими Рејконен.
На Гран прито на Мексико Сити ја освои 105та пол-позиција, прва со Ферари, пред Џорџ Расел за само девет илјадити делови од секундата. Во трката заврши втор, што беше негово 209то качување на подиумот.
Хамилтон ги држи и рекордите за најмногу победи со еден конструктор, 84 со Мерцедес, и за најмногу победи на една патека, девет на Силверстон. Тој има и рекордна серија од 48 последователни трки со освоени бодови.
Хамилтон го држи и рекордот за најмногу последователни сезони со качување на подиумот, 18, од дебито во 2007 до последната сезона со Мерцедес во 2024 година. Серијата беше прекината во неговата прва сезона со Ферари во 2025 година, но оваа година повторно се врати меѓу првите тројца.
Списокот на неговите достигнувања пред јубилејот го објави и Рејсинг њуз 365. Квалификациите на Интерлагос се денеска, а трката за Гран прито на Сао Пауло е закажана за недела.
















