Македонските ракометари веќе се во Грција, каде што во недела го играат вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2028. Дуелот од групата 8 ќе се игра во салата „Тасос Кампурис“ во Халкида, со почеток во 16 часот по македонско време.
Пред натпреварот, пивотот Мартин Серафимов најави тешка битка. „Натпреварот со Луксембург ни беше добро загревање за следниот меч, со Грција на гостински терен. Одигравме добро и сериозно на домашен терен и повторно го почувствувавме набојот што го носи играњето за репрезентацијата“, изјави Серафимов за македонските медиуми.
„Сега ни следи Грција. Ќе биде тежок натпревар, можеби ќе има притисок. Тие имаат добар тим и одиграа добро во баражот со Холандија, која ја победија двапати. Но знаеме како е, сè се сведува на борба, борба, борба“, додаде тој.
Серафимов зборуваше и за емоциите при настапите во националниот дрес. „Не можам да го објаснам чувството, но кога ќе го облечеш дресот и кога ќе истрчаш на теренот, одеднаш сите се полниме со адреналин кога треба да играме за Македонија“, рече искусниот ракометар.
Селекцијата на Кирил Лазаров ги отвори квалификациите со убедлива победа од 41-23 над Луксембург во Скопје. Грција, пак, на стартот загуби од Шведска со 33-24 во Векше.
Натпреварот во Халкида ќе го судат Германците Роберт Шулце и Тобијас Тенис, а делегат е Полјакот Марек Горалчик, според записникот на ЕХФ.
Според правилата на ЕХФ, на Европското првенство 2028, кое ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија, ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја група и четирите најдобри третопласирани. Во групата 8 се и Шведска и Луксембург.
Дуелот меѓу Грција и Македонија е еден од најинтересните во второто коло, кое се игра за викендот, пишува Хендбол планет.
















