Натпреварот од осмото коло во Ла Лига меѓу Рајо Ваљекано и Атлетик Билбао беше дефинитивно прекинат во првото полувреме, откако навивачите на домашниот тим фрлија илјадници хартиени авиончиња и гумени топчиња на теренот во знак на протест против претседателот на клубот Раул Мартин Преса.
Играта првпат беше запрена во 13та минута, кога на теренот почнаа да летаат првите предмети. Спикерот на стадионот предупреди дека натпреварот може да биде прекинат, а фудбалерите на Рајо разговараа со групата навивачи зад голот.
Играта продолжи уште десетина минути, но протестот не стивнуваше. Судијата се консултираше со полицијата и со двајцата тренери, по што ги повлече играчите во соблекувалните пред да се одиграат 30 минути, при резултат 0-0.
Двата тима по извесно време повторно излегоа на теренот со намера да го продолжат натпреварот, но тоа не беше можно. Од Рајо потврдија дека натпреварот е „дефинитивно прекинат со одлука на судијата, по препорака на полицијата“, додека од трибините се слушаше скандирањето „Преса, оди си веќе“.
Ла Лига во официјално соопштение го осуди однесувањето на навивачите на трибините. „Ла Лига остро го осудува ваквото однесување, кое ја загрозува безбедноста и го оневозможува нормалното одвивање на натпреварувањето. Новиот термин за натпреварот ќе биде објавен наскоро“, се наведува во соопштението.
Ова беше првиот натпревар на Рајо на сопствениот стадион „Валекас“ оваа сезона. Поради сериозни безбедносни недостатоци, проблеми со противпожарната заштита, електричните инсталации и санитарните услови, клубот мораше да ги одигра првите три домашни натпревари на стадионот „Бутарке“ на Леганес.
Навивачите го обвинуваат Преса, кој е претседател од 2011 година, за занемарување на стадионот и лошо водење на клубот, а стравуваат дека би можеле да го изгубат својот дом доколку состојбата не се подобри. Голем дел од нив ги бојкотираа натпреварите во Леганес.
Проблемите со „Валекас“ не се нови. Во февруари натпреварот против Овиедо беше одложен поради лошата состојба на теренот, а дуелот со Атлетико Мадрид една седмица подоцна беше преместен на „Бутарке“. Повеќе детали на ESPN и talkSPORT.
















