Победата на Реал Мадрид од 3-0 на гостувањето кај Валенсија беше проследена со тензии во тунелот кон соблекувалните на Месталја. Шпанските медиуми пишуваат за кавга во која учествувале играчи на двата тима и членови на обезбедувањето, но во официјалниот записник на судијата се споменува само еден инцидент.
Според Ас, кој се повикува на очевидци, Антонио Рудигер се скарал со член на приватното обезбедување на Валенсија, кој добил удар додека се обидувал да ги раздели вмешаните. Од страната на Реал во расправијата учествувале и Едер Милитао и Џуд Белингам.
Нервозата, како што пишува изданието, започнала поради протестите на Валенсија за фаулот на Мафео врз Килијан Мбапе, од кој произлезе водечкиот гол на Федерико Валверде. Капитените Хозе Гаја, Гидо Родригес и Пепелу, членовите на стручниот штаб и спортскиот директор Брауљо Васкез сакале да му се пожалат на судијата Хернандес Маесо.
Играчите на Реал, според истиот извор, им порачале на домаќините да замолчат и да одат во соблекувалната, со што тензиите дополнително се зголемиле. Обезбедувањето морало да интервенира за да ги раздели.
Во записникот, кој го објави Марка, Хернандес Маесо го наведува само однесувањето на Брауљо Васкез за време на паузата. Спортскиот директор на Валенсија се соочил со првиот помошен судија и постојано му повторувал: „Не е фаул, не е фаул!“
„Беше неопходна интервенција на припадници на Националната полиција, кои го идентификуваа и мораа да го задржат и да го оттргнат од местото за да се стави крај на инцидентот“, стои во записникот на судијата.
Во официјалниот документ нема ниту збор за Рудигер, Белингам или Милитао, пренесува и Гол. Наводите за ударот засега остануваат само во медиумските извештаи, без официјална потврда од клубовите или од судијата.
















