Капело за трката за Скудетото: Модриќ игра како да нема 40 години, а Де Брујне се шета по теренот


Македонија се дави во ѓубре - решението го бараме во Данска ↓↓↓


Големата победа на Милан во недела навечер против актуелниот италијански шампион Наполи ја започна темата на Апенинот дали “росонерите” би можеле да го симнат владејачот на Серија А од тронот, а вакво сценарио насетува и трофејниот тренер Фабио Капело, кој ја гледа моменталната состојба според расположението на најдобрите играчи.

Поранешниот тренер на Милан, по неделниот дерби натпревар што тимот од северот го победи со резултат 2:1, зема за пример различниот почеток на сезоната на ѕвездата на “росонерите” Лука Модриќ и првата ѕвезда на Наполи Кевин Де Брујне.

Станува збор за двојка искусни играчи кои летово пристигнаа на Чизмата и според мислењето на Капело манифестираат различна адаптација на италијанскиот фудбал.

“Модриќ доминира во Серија А, како да нема 40 години, додека е забележливо дека Де Брујне се мачи во Наполи. Белгиецот само се шета по теренот и нема јасна позиција. Од друга страна, Хојлунд не е вистинска замена за Лукаку бидејќи не може да обезбеди игра со топката која беше клучна минатата сезона”, рече Капело во интервју за “Газета спорт”.

Милан бодовно изедначи по победата во недела против најголемиот конкурент за освојување на Скудетото, но веќе во недела навечер го чека дерби против Јувентус во Торино пред октомвриската репрезентативна пауза.

Наполи ја пречекува Џенова и има шанса да се врати на врвот на табелата доколку избраниците на Масимилијано Алегри не триумфираат на гостувањето против најпопуларниот италијански клуб.