Капитенот на Баерн Минхен, Џошуа Кимих, им се извини на соиграчите откако во саботата доби директен црвен картон поради влечење противнички играч за коса на натпреварот против Хамбургер во Бундеслигата, кој заврши без голови, пренесува Асошиејтед прес.
Инцидентот се случи во 44тата минута, пред самиот крај на првото полувреме. Играчот на Хамбургер, Александер Росинг-Лелесит, налета на Кимих додека топката беше надвор од игра, а германскиот репрезентативец го фати за коса одзади и го повлече на земја. Судијата Бастијан Данкерт по прегледувањето на снимката со помош на ВАР му покажа директен црвен картон.
„Ако се погледне целата ситуација во која се наоѓаме, тоа од моја страна беше целосно неоправдано. Морам да му се извинам на тимот. Ни јас самиот не можам да го објаснам. Беше крајно глупаво и мило ми е што сепак освоивме бод. Тоа не е нешто што вообичаено го правам“, изјави Кимих по натпреварот, според германската агенција ДПА.
„Со тој играч немав никаков судир во текот на натпреварот. Би сакал да можам да дадам објаснување, но и мене ми е тешко да го разберам. Беше 0-0, ја имавме контролата, ништо значајно не се случуваше. Не беше ни дека бев лут или изнервиран. Тоа едноставно не е мој стил“, додаде тој.
Кимих очекува суспензија и рече дека нема да се жали. „Мислам дека сигурно ќе има суспензија. Нема да можам ни да се жалам на тоа. Целосно е оправдано“, изјави капитенот на Баерн. Времетраењето на казната ќе го одреди Германскиот фудбалски сојуз, а Кимих најверојатно ќе го пропушти натпреварот против Падерборн во петок.
Тренерот Венсан Компани не сакаше јавно да го критикува играчот и рече дека случајот ќе го реши во рамките на клубот. „Во овој момент нема шанса да издвојувам играчи и да ѝ дадам подарок на јавноста“, изјави белгискиот стратег.
Стоперот Јонатан Та рече дека Кимих е свесен за својата грешка. „Тоа што го направи не беше во ред, тој го знае тоа и сите го знаеме. Мора да продолжиме понатаму“, рече Та, кој истакна дека тимот одиграл одлично второ полувреме и покрај тоа што имал играч помалку.
По ремито, Баерн е на второто место на табелата во Бундеслигата со 23 бода, наведува Јаху спорт.
















