Колумбус со 3-0 го понижи Интер Мајами на Меси во плејофот

Лионел Меси со опрема на Аргентина
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Интер Мајами, актуелниот шампион на МЛС, се најде на работ на елиминација уште во првата рунда од плејофот. Тимот на Лионел Меси на домашен терен загуби од Колумбус Крју со 0-3 во првиот натпревар од серијата во која се потребни две победи, објави официјалниот сајт на МЛС.

Тоа е првото изненадување во овогодишниот плејоф, бидејќи Колумбус влезе во серијата како седми носител, а Интер Мајами како втор. Колумбус, шампионот од 2023 година, сега може да ги елиминира Меси и неговите соиграчи со победа во вториот натпревар, кој ќе се игра во петок во Охајо.

Гостите поведоа уште во 9тата минута, кога Гонзало Тапија сигурно реализираше пенал. Во 36тата минута Мајами остана со играч помалку, откако Гонзало Лухан доби црвен картон.

Нервозата кај домаќините кулминираше на крајот од првото полувреме. При изведување аут, Меси ја фрли топката во лицето на Тапија, а судијата Ален Чепмен им покажа жолт картон на двајцата, пренесува Гардијан.

„Сите знаат дека тој заслужуваше повеќе од жолт картон. Тоа е навистина тажно“, изјави тренерот на Колумбус, Лоран Куртоа. Чепмен по натпреварот ја одбрани својата одлука. „Силата што беше употребена беше занемарлива и прекршокот не го достигна нивото на насилно однесување“, рече судијата.

Во второто полувреме Колумбус го реши натпреварот. Таха Хабруне во 52рата минута по убава тимска акција ја зголеми предноста, а Тапија во 58мата минута го постигна својот втор гол на натпреварот за конечни 3-0. Чилеанскиот напаѓач беше прогласен за играч на натпреварот на своето деби во плејофот.

„Тоа беше натпревар во кој ништо не ни тргна и практично ние им ги создававме шансите“, рече тренерот на Мајами, Кили Гонзалес. „Нема подобар предизвик за нас како тим од ова. Тоа е тест за карактерот, а знам дека мојот тим го има“, додаде тој, свесен дека нов пораз ќе значи крај на сезоната.

Вториот натпревар е закажан за петок, 27 ноември, во 20:00 часот по локално време во Колумбус, односно во сабота во 02:00 часот по наше време. Доколку Мајами победи, серијата ќе се решава во трет, одлучувачки натпревар.