Рафаел Надал официјално стана член на Управниот одбор на Реал Мадрид. Именувањето на поранешниот тенисер беше потврдено на вонредното собрание на клубот со 99,5 отсто од гласовите, објави Реал Мадрид.
Од вкупно 1.713 гласа, за Надал гласале 1.704 делегати, четворица беа против, а петмина беа воздржани, пренесува Евроспорт.
Собранието се одржа во кошаркарската сала во Градот на Реал Мадрид, со присуство во живо и онлајн. Претседателот Флорентино Перез на почетокот на редовното собрание побара Надал веднаш да седне на масата на Управниот одбор, со образложение дека како почесен член на клубот има право да присуствува. Предлогот беше поздравен со аплауз, а Надал седна до Перез, пишува клубот.
„Сите ја знаеме вонредната димензија на Рафа Надал. Неговото име е веќе дел од универзалната историја на спортот. Тој е еден од нашите, почесен член на Реал Мадрид, кој длабоко ги чувствува овие бои“, изјави Перез.
„Огромна е одговорноста да се биде дел од Управниот одбор на Реал Мадрид. Овој клуб се пренесува од родители на деца и ги обединува луѓето. Свесен сум за одговорноста, бидејќи Реал Мадрид е глобален бренд. Ја преземам со желба да учам и да придонесам овој клуб да продолжи да биде најдобриот на светот“, порача Надал.
Четириесетгодишниот Шпанец е почесен член на Реал Мадрид од 2011 година. Во кариерата освои 92 титули, меѓу кои 22 грендслем-трофеи и рекордни 14 титули на Ролан Гарос, како и две олимписки златни медали и пет Дејвис купови со Шпанија, а беше и прв тенисер на светот.
Надал во 2023 година изјави дека би сакал еден ден да биде претседател на Реал, но дека не знае дали е квалификуван за таа функција, потсетува Хинду. Пред клупските избори годинава, тој се огради од написите дека ќе се кандидира.
















