Кулушевски по повеќе од 500 дена повторно на терен: Швеѓанецот одигра тренинг-натпревар 11 на 11 во Тотенхем

Дејан Кулушевски во дресот на Тотенхем
Фото: Ardfern / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Дејан Кулушевски направи нов голем чекор кон враќањето на теренот. Шведскиот репрезентативец со македонско потекло, кој не играл ниту за клубот ниту за репрезентацијата од мај 2025 година, учествуваше на тренинг-натпревар 11 на 11 во тренинг-центарот на Тотенхем „Хотспур Веј“.

Според лондонскиот „Ивнинг стандард“, кој ја потврди информацијата што прв ја објави „Дејли мејл“, натпреварот се одигра минатата недела, за време на тринеделната репрезентативна пауза. Кулушевски настапи за екипа составена од играчи од првиот тим, која се спротивстави на комбиниран состав од фудбалери од тимовите до 21 и до 18 години.

Не е познато колку минути помина на теренот ниту каков беше неговиот учинок, но по 17 месеци и повеќе од 500 дена без натпревар, ова е значаен момент за 26-годишниот крилен фудбалер, кој постепено ја враќа формата.

Кулушевски имаше комплицирана повреда на чашката на коленото, поради која беше подложен на две одделни операции во период од десет месеци. Патот кон враќањето беше полн со пречки, а неодамнешното враќање на тренинзите со првиот тим беше прекинато поради нов застој, по што повторно се приклучи на групата.

Сè уште не е јасно кога поранешниот играч на Јувентус ќе биде подготвен за настап во Премиер лигата. Неговиот напредок внимателно го следи обновениот медицински оддел на клубот, предводен од директорот за перформанси Дан Левиндон, а Кулушевски сè уште нема одиграно натпревар под водство на тренерот Роберто де Дзерби.

Тотенхем е многу повнимателен по повредите што ги обележаа претходните две сезони, во кои „шпорите“ двапати завршија на 17тото место, а минатата сезона опстанокот го обезбедија дури во последното коло.

Лондонскиот клуб, и покрај летните трошоци од над 300 милиони фунти, е на дното на табелата, без победа, со само два бода и два постигнати гола по пет кола. Првенството за Тотенхем продолжува во сабота навечер на „Олд Трафорд“ против Манчестер Јунајтед.

Извор: Evening Standard