Леброн Џејмс ја почнува својата рекордна 24та сезона во НБА во дресот на Филаделфија 76ерс, но со здравствен проблем. Според детален извештај на новинарот на ESPN, Дејв Мекменамин, 41-годишниот кошаркар има хроничен артритис на левото стапало.
Проблемот не е нов. Џејмс и минатата сезона се појавуваше на листите на повредени поради артритис на истото стапало, а почетокот на сезоната 2025/26 во дресот на Лејкерс го пропушти поради ишијас. И покрај тоа, тогаш одигра 60 натпревари, пренесува Yahoo Sports.
Секое утро три часа пред тренингот
Џејмс пристигнува во тренинг-центарот на Филаделфија околу 7:45 часот, речиси три часа пред тимскиот тренинг. Таму работи со долгогодишниот тренер Мајк Мансијас на истегнување и активирање на мускулите, со посебен фокус на левото стапало, а потоа и на долниот дел од грбот.
Од Филаделфија веќе разговарале за тоа како ќе се дозира неговото оптоварување и дали ќе игра на натпреварите во две последователни вечери, наведува CBS Sports. Идејата е Џејмс да ја прилагоди својата игра и да ја подели одговорноста со соиграчите, за да го сочува телото за плејофот.
Пет опции, избор Филаделфија
Џејмс дојде во Филаделфија како слободен играч ова лето, по осум сезони во Лејкерс. „Размислував за барем пет тимови во текот на летото, но ова изгледаше како најсоодветна опција. Макси, мојот пријател со години, одигра клучна улога и многу сум среќен што сега сум дел од оваа група“, изјави Џејмс.
Во екипата на тренерот Ник Нерс ќе игра заедно со Тајриз Макси, Џејлен Браун и Џоел Ембид. Џејмс досега во секоја сезона, освен оние погодени од пандемијата на ковид, одиграл најмалку 55 натпревари.
Регуларната сезона во НБА почнува на 20 октомври, а Филаделфија ја отвора во Медисон Сквер Гарден против Њујорк Никс, каде што се очекува Џејмс официјално да дебитира за новиот клуб, наведува Eurohoops.
















