Македонија до 19 години го почнува вториот круг со Северна Ирска

Стадион Младост во Струмица
Фото: Идеологист / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Младата репрезентација на Македонија до 19 години во среда го започнува вториот квалификациски круг за Европското првенство во 2027 година со натпревар против Северна Ирска. Дуелот на стадионот „Кукуш“ во Турново почнува во 13 часот, објави Фудбалската федерација на Македонија.

Македонија е домаќин на петтата група од Лигата Б, а сите натпревари ќе се играат во Турново и Струмица. Избраниците на Димитар Капинковски на 14 ноември играат со Швајцарија, а групната фаза ја завршуваат на 17 ноември против Малта.

Според новиот формат, квалификациите се играат во три круга. Во Лигата Б, 26 репрезентации се поделени во пет групи со по четири и две групи со по три екипи, а сите победници во групите се пласираат во Лигата А за третиот круг, кој се игра напролет, наведува Фудбалската асоцијација на Северна Ирска.

Прв носител во групата е Швајцарија, која во првиот круг испадна од Лигата А, втор е Северна Ирска, Македонија е трет носител, а Малта е четврти. Целта на македонската селекција е првото место и пласман во Лигата А, со што би останала во трка за завршниот турнир.

Капинковски повика 21 фудбалер. Голмани се Александар Трајковски (Брера Струмица), Павел Грбевски (Тетекс) и Бесјан Алију (Башкими), а во одбраната се Албан Рочи (Струга Трим Лум), Христијан Маркоски (Келн), Матео Кесик (Јединство), Мухамед Мустафи (Санкт Гален), Филип Цветковски (Вардар) и Анес Абдурахмани (Шкендија).

Во средниот ред се Габриел Талески, Бојан Велков и Иван Танчев (Брера Струмица), Лорен Жаку (Билиш), Александар Грашевски (Динамо Загреб) и Лавдрим Касами (Умраниеспор). Во нападот се Мухамед Куртиши (Раперсвил-Јона), Јован Мрмачовски (Пелистер), Јаков Стојковски (Падерборн), Јордан Дамевски (Арка), Дитмир Хоџа (Лидс Јунајтед) и Антиан Емини (Кожуф).

Селекторот на Северна Ирска, Гери Мекаули, повика 22 фудбалери, без нови имиња. Во составот има играчи од академиите на Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Вест Хем, Астон Вила и Саутхемптон.

Северна Ирска во првиот круг, одигран во март, го совлада Азербејџан со 2-1 и одигра 0-0 со домаќинот Литванија, која го освои првото место со подобра гол-разлика.