Македонските кик боксери уште по првиот ден од Европското првенство за сениори во Скопје обезбедија најмалку четири медали. Четворица репрезентативци се пласираа во полуфиналето, со што веќе имаат обезбедено бронзени медали, а уште дванаесетмина ќе се борат за пласман меѓу најдобрите четири.
За пласман во финалето ќе се борат Анастасија Јанческа во К1 до 48 килограми, Наум Додевски во лоу кик до 91 килограм, Викторија Варадинова во лоу кик над 70 килограми и Теа Велковска во кик лајт над 70 килограми.
Во четвртфиналето ќе настапат Иван Кукуновски, Дарко Нумановиќ, Стефан Михајловски и Анабела Стоцоваз во кик лајт, Петре Велков, Силвио Мировски, Лука Кипровски, Нелсон Узеир, Радослав Велески и Марија Димовска во лоу кик, Мирко Василев во фул контакт и Климент Грозданоски во лајт контакт.
Македонските претставници настапуваат во повеќе дисциплини, во рингот и на татамито, односно во кик лајт, лоу кик, К1, фул контакт и лајт контакт.
Најуспешни досега се борците во лоу кик, каде што од 13 македонски претставници дури осуммина стигнаа најмалку до четвртфиналето, а двајца веќе се во полуфиналето.
Репрезентацијата ја води селекторот Дејан Митровски-Урко, под чие водство македонскиот кик бокс оваа година забележа одлични резултати и на светските првенства.
Првенството во Скопје го организира Европската кик бокс федерација ВАКО, а програмата, која ги опфаќа и натпреварувањата за ветерани и параспортисти, трае до 15 ноември, според ВАКО Европа.
Силно во Скопје стартуваше и Бугарија, која во првиот ден забележа 14 победи и два сигурни медала, преку Мартин Димитров и Мартин П. Димитров, пренесува БНТ.















