Макрон му понуди поддршка на Венгер за претседател на ФИФА

Арсен Венгер
Фото: Barcex / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Францускиот претседател Емануел Макрон му понудил поддршка на Арсен Венгер доколку поранешниот тренер на Арсенал се кандидира за претседател на ФИФА против Џани Инфантино, објави британскиот Телеграф.

Според весникот, Макрон лично го контактирал Венгер и му понудил политичка поддршка, вклучително и лобирање во негова корист кај други светски лидери, пренесува Инсајд ворлд футбол.

77-годишниот Французин се очекува наскоро да одлучи дали ќе влезе во трката. Рокот за поднесување кандидатури истекува во среда, на 18 ноември, а изборите ќе се одржат на Конгресот на ФИФА во Рабат на 18 март 2027 година.

Не е јасно колкаво влијание би можел да има францускиот претседател, бидејќи новиот шеф на ФИФА го избираат националните федерации, независно од своите влади. Според Телеграф, интервенцијата на Макрон кај некои земји би можела да има и спротивен ефект врз евентуалната кандидатура на Венгер.

Венгер од 2019 година работи во ФИФА како шеф за глобален развој на фудбалот. Тој јавно се дистанцираше од пропаднатиот предлог на Инфантино за продажба на удели во новата компанија на ФИФА, а се очекува да не го продолжи договорот со светската фудбалска централа.

Инфантино веќе потврди дека ќе бара нов мандат. Претседателот на Јапонската фудбалска асоцијација, Кохзо Ташима, се подготвува да му се спротивстави, а кандидатура најави и поранешниот швајцарски репрезентативец Рамон Вега.

Венгер се спомнува како главна надеж на УЕФА, која во изминатите месеци отворено му се спротивстави на Инфантино и бара противкандидат за изборите во март.