Андреј Маслинко најави дека МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона ќе ја „нападне“ АБА-лигата со цел враќање во елитното друштво, паралелно со борбата на домашната сцена и во ФИБА Европа Купот.
Од таборот на актуелниот првак се свесни дека ги чека битка на три фронта и забрзан ритам, особено на почетокот на сезоната.
„Се надевам дека ќе бидеме конкурентни на сите полиња. Сезоната е долга и тешка, особено во првиот дел кога имаме натпревари на секои три-четири дена, имаме многу гостувања и треба да се издржи тој ритам“, изјави Маслинко за SportSport.
Репрезентативецот јасно ги подреди приоритетите: конкурентност во европскиот куп, напад на АБА-лигата и одбрана на двојната круна дома.
„Би сакал да бидеме конкурентни во ФИБА Европа купот за да видиме до каде сме, а што се однесува до АБА-лигата, ќе ја нападнеме за да ја освоиме и да се вратиме во елитното друштво. Што се однесува до домашната сцена, сакаме нова двојна круна. Кој ни се најголемите ривали? Куманово и Работнички“, додаде тој.
Маслинко отворено зборуваше и за тешката претходна сезона зад себе, кога бил подолго надвор од терените, но сега се чувствува подготвен.
„Искрено, имав претешка сезона зад себе, година и половина што беа претешки и на физички и на ментален план. Мислам дека сето тоа ќе го оставам зад себе и максимално подготвен влегувам во она што претстои“, рече тој.
Првата шанса за пехар доаѓа утре во Суперкупот против МКК Куманово – тема што SuperSport веќе ја отвори во прегледот на дуелот. Изјавата на Маслинко додава јасен играчки глас за амбициите на МЗТ и во регионалната елита.
















