Македонскиот репрезентативец Мозес Рајт е најкорисен играч на 13тото коло од Евролигата. Центарот на Олимпија Милано со индекс 36 беше најдобар во колото, по победата над Фенербахче со 78-70, објави Евролигата.
Рајт го заврши натпреварот против турскиот тим со дабл-дабл учинок од 22 поени и 11 скока. Погоди седум од десет шута за два поени и осум од девет слободни фрлања, а додаде и две асистенции и една украдена топка. Противниците направија седум фаули врз него.
Тоа е трета ваква награда во кариерата на Рајт и прва во дресот на Милано. Претходните две ги доби минатата сезона како играч на Жалгирис, во 28мото и во 38мото коло. Тој е и првиот играч на Олимпија кој сезонава го доби признанието.
Милано со таа победа го сврте резултатот на натпреварот, на кој Фенербахче водеше со 66-55, благодарение на серијата од 23-4 во последните осум минути, како што пишувавме.
Според Олимпија Милано, ова е 20ти пат од сезоната 2008/09 играч на клубот да биде избран за најкорисен во колото, а индексот 36 на Рајт е десеттиот најдобар учинок на играч на Олимпија во Евролигата. Рекордот и понатаму му припаѓа на Самардо Самјуелс.
Рајт оваа сезона во Евролигата има просек од 12,6 поени и 5,7 скока, со индекс од 15,2 по натпревар.
Рајт беше еден од петтемина кошаркари со дабл-дабл учинок во 13тото коло. Истото го постигнаа и Каменјаш со 16 поени и 13 скока, Вилбекин со 14 поени и 10 асистенции, Нил Сако од Валенсија со 20 поени и 11 скока и Дамијан Џонс од Реал Мадрид со 10 поени и 11 скока.
Зад него во изборот за 13тото коло е Дуејн Вашингтон од Баерн со индекс 33 во победата над Басконија со 100-81, а трет е Дарио Брисуела од Барселона со индекс 31 во поразот од Црвена звезда со 100-103, пренесува Јурохупс.
















