Холанѓанецот Дирк Кајт официјално го напушти Фенербахче, една недела откако како привремен тренер го предводеше тимот до победа од 3-2 над Ливерпул во Лигата на шампионите. Клубот во средата соопшти дека 46-годишниот стручњак нема да остане ниту во друга улога, пренесува Флешскор.
„Нашата жолто-сина приказна започна пред многу години и врската меѓу нас никогаш не се прекина. Најпрвин беше со нас на теренот, а потоа и на клупата. Со љубовта и лојалноста кон нашиот дрес заслужи посебно место во срцата на сите нас“, се вели во објавата на Фенербахче.
„Ти благодариме од срце за сè што им даде на овие бои. Денес се збогуваме со тебе, но твоето место во ова големо семејство никогаш нема да се промени“, додаде клубот од Истанбул.
Кајт пристигна во Фенербахче минатото лето како помошник на Исмаил Картал. По заминувањето на Картал на 27 октомври, еден ден по поразот во дербито од Галатасарај, тој ја презеде екипата како привремен тренер.
Под негово водство Фенербахче одигра два натпревари. Во првенството загуби од Гезтепе со 1-2, а потоа го совлада Ливерпул со 3-2, со доцните голови на Арчи Браун и Ведат Мурики, наведува НОС.
Клубот уште пред тој натпревар го именуваше Емре Белозоглу за нов тренер, а Кајт не е дел од неговиот стручен штаб. Под водство на Белозоглу, некогашен соиграч на Кајт во Фенербахче, турскиот великан во текот на викендот го совлада Чорум со 5-0.
Кајт како фудбалер настапуваше три сезони за Фенербахче, а за Холандија одигра 104 натпревари. Тренерската кариера ја започна во АДО Ден Хаг, каде што беше отпуштен по само пет месеци. Потоа го воведе белгискиот Беерсхот во највисокиот ранг, но веќе следната сезона испадна од него, а минатата сезона со Дордрехт заврши на десеттото место во втората холандска лига.
















