Арсенал официјално потврди дека Микел Артета потпиша нов договор со клубот, со кој ќе остане на клупата на шампионот на Премиер лигата до јуни 2030 година. Претходниот договор на 44-годишниот Шпанец, потпишан во септември 2024 година, истекуваше следното лето, јавуваат BBC Sport и Sky Sports.
Со тоа е потврден договорот за кој BBC Sport објави уште претходно овој месец. Новиот договор предвидува зголемување на платата во однос на досегашните околу 10 милиони фунти годишно, плус дополнителни пет милиони фунти во бонуси. Според CBS Sports, Артета сега е најплатениот тренер во Премиер лигата, а договорите до истиот рок им се продолжени и на членовите на неговиот стручен штаб.
„Ова е само почеток“
„Привилегија е да ја врзам својата иднина за клубот и да продолжам да работам со исклучителни луѓе кои го сакаат најдоброто за Арсенал. Овој клуб е единствен, со својот карактер и со начинот на кој те прави да се чувствуваш, и имам големо чувство на привилегија што нашето заедничко патување продолжува“, изјави Артета.
„Веќе изградивме посебна врска и создадовме спомени што ќе траат цел живот, а она што е највозбудливо е дека ова е само почеток на она што можеме да го постигнеме заедно. Многу сум благодарен на Стен и Џош за довербата и поддршката и чувствувам чест што го водам клубот низ ваков посебен период во неговата 140-годишна историја. Ова е горд момент за мене и за моето семејство“, додаде шпанскиот стратег.
Сопствениците Стен и Џош Кронке истакнаа дека делат посебна врска со Артета. „Многу сме горди на сè што постигнавме откако тој се врати во клубот во 2019 година. Тој длабоко ги разбира вредностите на Арсенал и ги носи во срцето“, порачаа тие. Извршниот директор Ричард Гарлик додаде дека клубот сака заедно со Артета да создаде „победничка ера“.
Титула, Ф.А. куп и финале во Лигата на шампионите
Артета го презеде Арсенал во декември 2019 година, а минатата сезона ги предводеше „топџиите“ до првата титула во Премиер лигата по 22 години, по три последователни втори места. Со Арсенал ги освои и Ф.А. купот и три Комјунити шилда, а го доведе тимот и до второто финале во Лигата на шампионите во историјата на клубот, во кое загуби од Пари Сен Жермен по изведување пенали.
Доколку го испочитува договорот до крај, Артета ќе стане трет тренер по должина на стажот во историјата на Арсенал, зад Арсен Венгер и Џорџ Алисон. Неговиот процент на победи од 62,05 е највисок меѓу сите постојани тренери во историјата на клубот, пишува CBS Sports.















