Франко Морбидели во 2027 година ќе вози за фабричкиот тим Aruba.it Racing – Ducati во Светското првенство во супербајк, официјално објавија тимот и Дукати во понеделникот. Италијанецот го наследува седиштето на актуелниот светски шампион Николо Булега, кој преминува во МотоГП, пишува WorldSBK.
Станува збор за размена на места меѓу двата шампионата. Булега ќе вози за тимот VR46 на Валентино Роси, каде што ќе го замени токму Морбидели, а соиграч ќе му биде Фермин Алдегер, кој доаѓа од Гресини. Морбидели во супербајк ќе вози заедно со Икер Лекуона, единствениот возач што оваа сезона успеа да го победи Булега, пренесува Crash.net.
„Многу сум среќен и возбуден поради ова ново поглавје во мојата кариера. Им благодарам на Дукати и на Аруба за оваа можност. Како и секогаш, ќе дадам сè од себе за да бидам на ниво на тим што со години се бори за врвот и штотуку ја освои титулата во супербајк. Ќе направам најдобра можна работа за заедно да постигнеме големи резултати“, изјави 31-годишниот Италијанец.
Генералниот менаџер на Дукати Корсе, Џиџи Дал’Иња, истакна дека Морбидели во текот на кариерата покажал брзина, техничка чувствителност и способност за прилагодување на највисоко ниво. „По многу години во МотоГП, тој ќе донесе исклучително вредно искуство во нашиот проект во супербајк. Особено важно ни е што добро ја познава средината и начинот на работа на Дукати, со оглед на новите технички предизвици што не очекуваат во 2027 година“, рече Дал’Иња.
Шефот на тимот Стефано Чекони додаде дека искуството на Морбидели ќе биде важно и поради доаѓањето на новите гуми, кои Италијанецот добро ги познава од МотоГП. „Иако ја менува категоријата, тој останува на Дукати, што гарантира континуитет во методот на работа“, рече Чекони.
Морбидели беше прв официјален член на академијата на Валентино Роси. Во 2017 година стана светски шампион во Мото2 со осум победи, а во 2020 година, како возач на Петронас Јамаха, освои три трки во МотоГП и беше вицешампион зад Жоан Мир. Подоцна возеше за фабричкиот тим на Јамаха и за Прамак Дукати, пред во 2025 година да премине во тимот VR46.
Оваа сезона му е потешка. Неговиот најдобар резултат е третото место во спринтот во Херес по дожд, а ретко успева да влезе меѓу првите десет. Со него во супербајк преминуваат и Џек Милер и Бред Биндер.
Според Speedweek, договорот на Морбидели е за 2027 година, со опција за уште една сезона која зависи од одлуката на тимот.
















