Мурињо ќе воведува ред и мир во соблекувалната на Реал Мадрид!

Жозе Мурињо не губеше време по неговото враќање на клупата на Реал Мадрид. Португалскиот стратег веднаш се реши да ја заостри дисциплината во соблекувалната, поставувајќи правила кои ќе важат еднакво за сите – од најголемите звезди до играчите кои се борат за минутажа.

Според пренесеното од talkSPORT, Мурињо воведе нов режим кој не се однесува само на тренинзите. Под негова контрола ќе биде и начинот на опоравка на повредените фудбалери, исхраната, но и однесувањето на играчите пред почетокот на секојдневните обврски.

Еден од првите услови се однесува на доаѓањето во тренинг-центарот Валдебебас. Фудбалерите на Реал мора да бидат таму најмалку еден час пред почетокот на тренингот, за да имаат доволно време за подготовка.

Фудбалер кој ќе доцни нема да тренира со остатокот од тимот, туку ќе биде испратен на индивидуална работа во теретаната. Дополнително, автоматски се исклучува од конкуренција за следниот натпревар.

Новите правила важат и за рехабилитацијата. Повредените фудбалери ќе мора процесот на опоравување да го минуваат во Валдебебас, под надзор на медицинскиот и стручниот персонал на Реал Мадрид.

Мурињо не сака играчите сами да организираат третмани надвор од системот на клубот. Од моментот на повреда до враќањето на теренот, нивниот опоравок треба да биде под контрола на Реал.

Новата стратегија на Мурињо се сведува на пет клучни барања: доаѓање час пред тренингот, исклучување од тимот во случај на доцнење, укинување на паричните казни, рехабилитација исклучиво под контрола на клубот и строго контролирана исхрана.