Нено Димитријевиќ со личен рекорд од 13 асистенции против Ле Ман

Ненад Димитријевиќ
Фото: Вячеслав Бухаров / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ одигра одличен натпревар во победата на Арис над францускиот Ле Ман со 96-86 во осмото коло од Еврокупот. Солунскиот тим ја забележа седмата победа во осум натпревари во второто по сила европско натпреварување.

Димитријевиќ го заврши натпреварот со дабл-дабл учинок од 11 поени и 13 асистенции, а додаде и 2 скока и една украдена топка за 27 минути на теренот. Од линијата за слободни фрлања беше прецизен шест пати од седум обиди.

Тринаесетте асистенции се нов личен рекорд на македонскиот репрезентативец во Еврокупот и Евролигата. Досега најмногу асистенции на еден европски натпревар, 11, имаше против Промитеас во Еврокупот во 2021 година, пишува Гацета.

Арис го контролираше натпреварот од почеток до крај. Првата четвртина ја доби со 29-26, на полувремето замина со предност од 52-44, а по третата четвртина водеше со 76-67.

Робинсон-Ерл одлично го започна натпреварот и уште во првата четвртина постигна 14 поени. Во втората четвртина домаќините ја засилија одбраната и ги принудија Французите да загубат шест топки, а со тројката на Митру-Лонг за првпат стигнаа до предност од повеќе од десет поени.

Димитријевиќ имаше важна улога во третата четвртина, кога со шест последователни поени му донесе водство на Арис од 72-66, токму во моментите кога Французите се обидуваа да се вратат во натпреварот, се наведува во извештајот на Арис.

Најефикасен кај Арис беше Мет Морган со 23 поени и пет погодени тројки од седум обиди. Тој во завршницата постигна девет поени по ред и ја запечати победата. Адам Мокока додаде 17 поени, од кои 13 во третата четвртина, а Елајџа Митру-Лонг имаше четири украдени топки.

Во последната четвртина Танасис Адетокумбо забележа важен скок во нападот за водство од 85-77, по што Морган ја доврши работата. Ова е уште еден одличен настап на Димитријевиќ, кој пред само неколку дена го предводеше Арис и до убедлива победа над Олимпијакос во грчкото првенство.