Одбојкарската сезона почнува во Тетово: Штип УГД против Борец и Работнички против Вардар ЕМ во Суперкупот „Чајка“

Португалија 3-0 - Македонија ги загуби шансите за осминафинале на ЕвроВолеј
Португалија 3-0 - Македонија ги загуби шансите за осминафинале на ЕвроВолеј

Новата сезона во македонската клупска одбојка официјално почнува денеска во Тетово. Во салата на ДСЕУ „8 Септември“ ќе се одигра јубилејното 50то издание на меморијалниот турнир „Чајка“ во чест на легендата Бранко Хаџииљоски, кој од оваа година има и статус на Суперкуп на Македонија.

Програмата е еднодневна. Прв на теренот, во 17:00 часот, е машкиот дуел меѓу освојувачот на двојната круна Штип УГД и ГОК Борец од Велес, финалист во првенствениот плеј-оф и во Купот. Во 19:30 часот следува женскиот Суперкуп во кој шампионот Работнички Скопје игра против освојувачот на Купот 2026, ЖОК Вардар ЕМ.

Турнирот се враќа таму каде што почна

Турнирот го организираат семејството Хаџииљоски и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Јубилејното издание беше најавено на прес-конференција во Министерството за спорт, на која присуствуваа министерот Борко Ристовски, претседателот на ОФМ Петар Јовановски и потпретседателот на федерацијата и син на одбојкарската легенда, Ивица Хаџииљоски.

„Големо задоволство за мене е што годинава турнирот е во Тетово, каде што изворно почна да се одржува. Последните десетина години овој турнир беше ставен во функција на одбојкарските репрезентации на Македонија и се одржуваше на различни места“, рече Хаџииљоски. Тој додаде дека со раководството на ОФМ се договориле турнирот од оваа година да прерасне во официјален Суперкуп, кој ќе се игра секоја година пред почетокот на сезоната.

„Самата импозантна бројка кажува сè. Турнир со голема традиција и додадена вредност во спортот. На последното Европско првенство имаше тројца или четворица одбојкари кои настапувале на овој турнир, а сега се меѓу носителите на играта во своите репрезентации и меѓу најдобрите играчи на светот“, истакна Јовановски.

Благодарница за министерот

Организаторите му доделија благодарница на министерот Ристовски за поддршката на одбојката и на традиционалниот турнир. „Овој турнир и давањето значење да биде и Суперкуп на Македонија е само уште една потврда дека Одбојкарската федерација има план, заедно со семејството Хаџииљоски, во интерес на одбојката и на одржувањето на традицијата“, рече Ристовски.

Влезот во салата е слободен, а организаторите ги повикаа сите љубители на одбојката да бидат дел од јубилејот.