Палмеирас е новиот шампион на Јужна Америка, откако во саботата вечерта во финалето на Копа Либертадорес го совлада Естудијантес со 1-0 на стадионот „Сентенарио“ во Монтевидео. Единствениот гол го постигна Рамон Соса во 52рата минута, пренесува Конмебол.
Бразилскиот клуб ја освои четвртата титула во ова натпреварување и се изедначи со Фламенго на врвот на листата на најуспешни бразилски клубови во Копа Либертадорес. Палмеирас триумфираше една година по поразот во минатогодишното финале.
Тренерот Абел Фереира на полувремето го внесе во игра 21-годишниот лев бек Артур, кој потекнува од клупската школа, наместо Хоакин Пикерез. Замената веднаш се исплати: Артур центрираше, Јон Аријас ја врати топката со глава, а Соса, кого никој не го чуваше, од непосредна близина го совлада Фернандо Муслера. Тоа беше неговиот трет гол во натпреварувањето оваа сезона.
Естудијантес веднаш возврати. Гидо Карило во 55тата минута шутираше со маказички, но голманот Карлос Мигел одлично одбрани. Мигел во 74тата минута го одбрани и ударот со глава на Едвин Сетре, а во 83тата минута Томас Паласиос шутираше малку покрај стативата.
Палмеирас уште на крајот од првото полувреме ја погоди стативата, откако топката по центаршутот на Лукас Евангелиста се одби од Маркос Рохо. Во првото полувреме судијата Хесус Валенсуела покажа шест жолти картони, по три за секој тим.
Финалето беше реприза на дуелот од 1968 година, одигран на истиот стадион, кога славеше аргентинскиот тим. Фереира ја освои својата трета титула во Копа Либертадорес, по оние во 2020 и 2021 година, и стигна до 50 победи во натпреварувањето, а трофејот го подигна капитенот Густаво Гомез.
Според Би-Би-Си, ова е осма година по ред во која Копа Либертадорес ја освојува бразилски клуб. Соса, поранешен играч на Нотингем Форест, стана херој на финалето.
Со освојувањето на титулата, Палмеирас обезбеди настап на Интерконтиненталниот куп на ФИФА оваа година и на Светското клупско првенство во 2029 година, наведува Аргентинскиот фудбалски сојуз.
















