Бока Јуниорс по 18 години чекање стигна до меѓународен трофеј. Аргентинскиот великан во финалето на Копа Судамерикана, одиграно во колумбиска Баранкиља, го победи бразилскиот Атлетико Минеиро со 2-0 и го освои третиот трофеј во ова натпреварување, по оние во 2004 и 2005 година, пренесува Асошиејтед прес.
Со тоа Бока стана најтрофеен клуб во историјата на Копа Судамерикана, а ова е нејзината прва меѓународна титула од 2008 година.
Сантијаго Аскасибар го отвори резултатот во 16тата минута, а Мигел Мерентиел во 48мата минута го постави конечниот резултат, покажува официјалниот извештај на ФИФА.
Финалето се играше во услови на екстремна жештина и влажност на стадионот „Роберто Мелендез“, а најмногу го почувствува капитенот Леандро Паредес. Тој во 58мата минута побара замена поради недостиг на воздух и исцрпеност, а соиграчите на клупата го разладуваа со мраз и му мавтаа со дресовите, пишува ЕФЕ.
По доделувањето на трофејот, 32-годишниот светски шампион со Аргентина колабираше додека даваше телевизиско интервју, а новинарот се обиде да го задржи при падот. По кратката интервенција на медицинскиот тим, Паредес сам се упати кон соблекувалната, а потоа им се придружи на соиграчите во прославата, пренесува Би-би-си.
„Ви благодарам на сите за пораките, тоа беше само вртоглавица“, напиша Паредес на Инстаграм по натпреварот.
„Кон крајот на првото полувреме чувствуваше вртоглавица. Малку подобро беше по паузата, но по десетина минути од второто полувреме се гледаше дека му е тешко“, изјави тренерот на Бока, Родолфо Аруабарена.
Според ЕФЕ, температурата во Баранкиља беше околу 30 степени, со 80 отсто влажност на воздухот, а субјективното чувство на топлина достигнуваше речиси 39 степени. Паредес неодамна се опорави од мускулна повреда, што, според ЕФЕ, дополнително придонесе за неговата исцрпеност.
















