Пелистер го освои првиот бод во групата: 31-31 во Гдањск, Филип Кузмановски со 15 гола

Еурофарм Пелистер го освои првиот бод во групата Г од ЕХФ Европската лига. Битолчани во вториот круг одиграа нерешено 31-31 со Вибжеже Гдањск во „Ерго Арена“, а на полувремето водеа со 17-16, објави EHF.

Македонскиот тим беше на чекор од првата победа во групната фаза. Четири минути пред крајот, по голот на Французинот Саду Нтанзи, Пелистер водеше со 31-28, но домаќините успеаја да се вратат во натпреварот. Виктор Томчак постигна два гола, а Миколај Чаплињски го израмни резултатот на 31-31.

Драмата траеше до последната секунда. Гдањск имаше шанса и за победа, но ударот на Томаш Гембала точно со завршната сирена заврши во пречката, пишува полскиот Sportowy24.

Кузмановски со 15 гола

Главен човек кај битолчани беше Филип Кузмановски, кој постигна дури 15 гола. Саду Нтанзи додаде седум, а Никола Граховац и Жарко Пешевски се запишаа со по два гола. Кај домаќините најефикасен беше Виктор Томчак со осум гола, Марцин Пеплињски постигна пет, а Филип Михаловиќ четири.

Полскиот тим, според извештајот на Trojmiasto.pl, го бркаше резултатот речиси цел натпревар. Тимот на Патрик Ромбел се приближуваше, но Пелистер постојано наоѓаше одговор во нападот, сè до самиот финиш.

Бодот има посебна тежина по тешкиот старт на битолчани. Во првото коло Пелистер на домашен терен загуби од шпанската Ла Риоха со 24-31, по натпревар по кој тренерот Лино Червар беше многу критичен кон одбраната на својот тим.

Гдањск, пак, ја продолжи одличната серија во европските купови. Полјаците во првото коло ја направија сензацијата со победата кај Гумерсбах со 38-34, а сега останаа непоразени и по два натпревари во групата.

Натпреварот го судеа романските судии Михаела Кирута и Џорџијана Мурариу. За Пелистер ова е прв освоен бод во групата Г, во која покрај Гдањск и Ла Риоха настапува и германскиот Гумерсбах.