Ракометарите на Еурофарм Пелистер во вторник од 20:45 часот во Битола го пречекуваат германскиот Гумерсбах во 4тото коло од групата Г во Европската лига на ЕХФ.
Гумерсбах го доби првиот натпревар во средината на октомври во Германија со 38-28. Почетокот беше изедначен и Пелистер неколку пати се приближи, но домаќините до полувремето стекнаа предност од пет гола, а во второто полувреме целосно доминираа, пренесува Хендбал-папст.
Битолчани се под притисок по разочарувачкиот почеток во групата. Покрај поразот во Германија, Пелистер загуби и на домашен терен од шпанскиот Логроњо, а единствениот бод го освои со ремито 31-31 во Гдањск.
Пелистер е последен во групата со еден бод, а Гумерсбах е прв со четири бода, исто колку и Гдањск, додека Логроњо има три бода. Само првите две екипи во групата продолжуваат во плеј-офот, па на битолчани итно им се потребни бодови.
„Очекувам одлична атмосфера и многу бучава од првата минута кога ќе започне натпреварот во Македонија. Нашата цел, секако, е да се вратиме дома со два бода“, изјави бекот на Гумерсбах, Гардар Инги Синдрасон.
„Очекувам гладна екипа на која ѝ треба добар резултат за да ги зачува шансите за продолжување. Се подготвуваме за овој натпревар исто како за секој друг. Пред нас се 60 минути што сакаме да ги завршиме со победа“, додаде исландскиот ракометар.
Тимот на тренерот Гудјон Валур Сигурдсон пристигнува во добра форма, по четири последователни победи во Бундеслигата, од кои последната во неделата со 33-29 против Хановер-Бургдорф. На пат кон Македонија не тргна бекот Лудвиг Халбек, кој се повреди на тој натпревар, а точната дијагноза сè уште не е позната.
















