Раул Гонзалес го напушти Партизан по оставката на претседателот

Раул Гонзалес
Фото: Viranovski Filip / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Шпанскиот тренер Раул Гонзалес, поранешен тренер на Вардар и селектор на Македонија, повеќе не е тренер на ракометниот Партизан. Тој го раскина договорот со белградскиот клуб, кој важеше до 2028 година, објави Мондо.

Неговото заминување следуваше неколку часа откако претседателот на клубот, Миљан Жугиќ, поднесе оставка. Жугиќ изјави дека одлуката ја донел поради неможноста да се обезбеди финансирање по блокадата на банката, со што е распуштен и целиот Управен одбор, пренесува Данас.

„По седницата на Управниот одбор и оставката на претседателот беа одржани состаноци со стручниот штаб и играчите. Тренерот, кој дојде летово и го предводеше тимот во Лигата на шампионите, одлучи во новонастанатата ситуација да го раскине договорот“, се вели во соопштението на клубот.

Екипата до крајот на сезоната ќе ја води досегашниот помошник Марко Павловиќ. Од клубот му се заблагодарија на Гонзалес за соработката и му посакаа успех во понатамошната кариера.

Собранието на клубот има рок од 30 дена да избере нов претседател и нов Управен одбор. Партизан засега е непоразен во домашното првенство, но во Лигата на шампионите немаше успех.

Според српските медиуми, клубот веќе го напушти и левиот бек Милош Кос, кој потпиша за германскиот Вецлар.

Гонзалес е и селектор на Србија, со која се пласираше на Светското првенство. Неговиот најголем успех е титулата во Лигата на шампионите со Вардар во 2017 година, а потоа седум сезони го водеше ПСЖ. Две години беше селектор на македонската репрезентација.