Струмичкиот фудбал е во тага. Почина Димитар Георгиев, познат како Шеки, поранешен фудбалер на Беласица и еден од најголемите фудбалски таленти што потекнуваат од Струмица. Тажната вест ја објави ФК АП Брера на својата официјална страница.
„Со голема тага ја примивме веста за смртта на Димитар Георгиев Шеки, легендарниот струмички фудбалер и мајстор на теренот, кој важи за еден од најголемите фудбалски таленти што ги родила Струмица“, се вели во известувањето на клубот.
235 натпревари и 50 голови за Беласица
Шеки остави длабока трага во историјата на струмичкиот фудбал, особено во дресот на Беласица, за која настапуваше десет сезони. За сино-белите одигра 235 првенствени натпревари и постигна 50 голови, со што, според Брера, се вбројува меѓу десетте најдобри фудбалери во историјата на клубот и според бројот на натпревари и според бројот на голови.
Во 1983 година беше дел од шампионската генерација на Беласица, која испиша едно од значајните поглавја во клупската историја. Во текот на кариерата го носеше и дресот на други струмички клубови, меѓу кои и Тиверија, со која исто така оствари значајни резултати.
Остана запаметен по извонредниот талент, креативноста, фудбалската интелигенција и атрактивните голови. Беше фудбалер кој знаеше да ја воодушеви публиката на секој натпревар, наведуваат од Брера.
Сочувство од фудбалското семејство
„Неговото име, фудбалското мајсторство и придонесот за локалниот спорт ќе останат трајно запишани во сеќавањата на генерациите што имаа можност да го гледаат на теренот“, порачуваат од клубот, кој изрази искрено сочувство до семејството, најблиските и пријателите на Георгиев.
Тажната вест стигна во деновите кога Беласица, клубот во кој Шеки ги помина најдобрите години од кариерата, настапува во осминафиналето од Купот на Македонија, на гостувањето кај Струга.
















