Ти Џеј Шортс повторно беше главен адут на Валенсија во Евролигата. Американецот со македонски пасош постигна 23 поени и беше најефикасен играч на натпреварот во кој шпанскиот тим на домашен терен го совлада Фенербахче со 86-78 во осмото коло, пренесува агенцијата Анадолија.
Валенсија одлично го започна натпреварот во „Роиг арена“ со серија од 8-0, а првата четвртина ја доби со 19-9. Во втората четвртина водството се зголеми на 33-18, а на полувреме домаќинот замина со предност од 36-25.
Фенербахче се врати, Брукс пресуди
Шпанскиот тим на почетокот на последната четвртина водеше со 60-46, но турскиот тим тогаш започна силен пресврт. Фенербахче на четири и пол минути пред крајот се приближи на 72-69, а на две и пол минути пред крајот поведе со 76-75, што беше негово прво водство на натпреварот.
Во клучните моменти Армони Брукс погоди тројка за 82-78 на малку повеќе од една минута пред крајот, а Валенсија успеа да ја сочува победата. Фенербахче само во последната четвртина постигна 32 поени, седум повеќе отколку во целото прво полувреме.
Покрај Шортс, кој имаше и три асистенции и два скока, за Валенсија по 16 поени постигнаа Камерон Тејлор и Брукс. Кај Фенербахче најефикасен беше Вејд Болдвин со 19 поени, Шејвон Шилдс додаде 18, а Вил Клајбурн 15. Валенсија со шест победи и два порази е втора на табелата, а Фенербахче со ист учинок е трет.
Стјуарт без промашување за два поени против Реал
Добар настап имаше уште еден натурализиран македонски репрезентативец. Ди Џеј Стјуарт постигна 13 поени за Басконија, со пет погодоци од пет обиди за два поени, една промашена тројка и три погодени слободни фрлања од три обиди, но неговиот тим на домашен терен загуби од Реал Мадрид со 86-104.
За Реал тоа беше деветта последователна победа во сите натпреварувања, а во насловот на извештајот на Реал Мадрид се истакнува рекордната вечер на центарот Еди Таварес.
















