Порто едвај се пласираше во осминафиналето на Купот на Португалија, откако на својот стадион „Драгао“ по пенали го елиминираше третолигашот Паредеш. Натпреварот од четвртото коло заврши 1-1 по 120 минути, а при изведувањето на пеналите Порто славеше со 3-1 благодарение на голманот Клаудио Рамос, кој одбрани три удари.
Домаќините поведоа во 41вата минута, кога Секо Фофана постигна гол по асистенција на Андре Силва. Тренерот Франческо Фариоли изненади со одлуката левиот бек Франциско Моура да го постави на стоперската позиција, покрај Нехуен Перез, а токму Моура стана главниот лик на вечерта.
Во 57мата минута Клаудио Рамос го одби ударот на Ерик Сантана, а Моура, сосема сам и без поголем притисок, при обидот да ја расчисти топката ја испрати во сопствената мрежа. Според Флешскор, дефанзивецот веднаш се расплака и побара замена, а го тешеа и соиграчите и фудбалерите на Паредеш. Публиката потоа му аплаудираше при секој допир со топката, а во 70тата минута тој беше заменет со Бедњарек и веднаш замина во соблекувалната.
Паредеш, кој е лидер во третата лига, имаше шанси и за пресврт. Клаудио Рамос одлично го одбрани ударот на Алмара, а Мигел Морено шутираше со глава малку покрај голот. На другата страна, голманот Фабио Матос не му дозволи на Сантијаго Хименес да постигне гол, а во продолженијата Хванг Ин Беом со слободен удар ја погоди пречката, пишува Маисфутебол.
При изведувањето на пеналите прв погоди капитенот на Паредеш, Денис Дуарте, а Хименес израмни. Потоа Рамос го одбрани ударот на Густаво Фернандеш, Матос го запре Пјетушевски, а Рамос ги одбрани и ударите на Давид Веига и Рука. Бедњарек и Фрохолт беа прецизни за конечни 3-1 за Порто.
„Како што видовте, сите сме со Франциско. Тоа беше несреќа. Поддршката од играчите на Порто, па дури и од играчите на Паредеш, беше многу добра, тоа беа многу позитивни гестови“, изјави Фариоли, пренесе Рекорд. „Има грешки што можат да чинат натпревари. Денеска имавме херој облечен во жолто, кој многу ни помогна.“
Италијанскиот тренер призна дека неговиот тим не одиграл добро. „Вчера на прес-конференцијата реков дека разликата од две лиги нема да го добие натпреварот, и тоа денеска се докажа. Паредеш многу сакаше, не е случајно на врвот на табелата“, рече Фариоли, додавајќи дека секогаш е тешко да се игра по паузата за репрезентациите.
Порто во следното коло ќе игра против победникот од дуелот меѓу Униао Леирија и Лека, наведува Жорнал де нотисијас.
















