Кошаркарскиот клуб Партизан го продолжи договорот со шпанскиот тренер Жоан Пењароја до летото 2029 година. Одлуката беше донесена на седница на Управниот одбор на белградскиот клуб, а беше објавена во саботата наутро.
„Со овој потпис се потврдува заедничката визија на клубот и тренерот во борбата за нови успеси, достојни за името и амбициите на Партизан“, се наведува во соопштението на црно-белите.
Партизан во Евролигата има учинок од седум победи и шест порази, по драматичната победа над Бешикташ со 91-87 по продолжение во петокот навечер. Според Евролига, екипата на Пењароја ја има најдобрата одбрана во натпреварувањето, со просечно 78,3 примени поени по натпревар, а во регионалната АБА лига има шест победи и само еден пораз.
Пењароја беше именуван за наследник на Жељко Обрадовиќ на 23 декември минатата година, со договор до крајот на сезоната 2026/27. Партизан во тој момент беше 17ти во Евролигата со учинок од 6-11, а новиот тренер ги загуби првите пет натпревари. Потоа следуваше пресврт со 10 победи и шест порази, вклучувајќи и клупски рекорд од шест последователни победи меѓу 30тото и 35тото коло.
Добрата форма продолжи и во плејофот на АБА лигата, каде што Партизан во полуфиналето го победи вечниот ривал Црвена звезда без ниту еден пораз, но во финалето загуби од Дубаи. Според Јурохупс, 57-годишниот стручњак оваа сезона предводи значително обновен тим.
Партизан е третиот клуб од Евролигата што го води Пењароја. Тој помина една цела сезона на клупата на Басконија во 2022/23, но беше отпуштен по пет натпревари од почетокот на следната сезона. Потоа ја водеше Барселона во текот на целата сезона 2024/25, а беше разрешен по девет натпревари во сезоната 2025/26, пред да пристигне во Белград, потсетува Марка.
















