Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс го совладаа Милвоки со 123-112 и стигнаа до седмата последователна победа во НБА лигата. Победата, сепак, имаше своја цена, бидејќи во второто полувреме се повредија тројца важни играчи, пренесува Еј-ес-пи-ен.
Најсериозно изгледа повредата на Остин Ривс. Американскиот бек незгодно доскокна по промашено забивање во третата четвртина, се врати во игра по тајм-аутот, но набрзо самиот побара замена и со помош на медицинскиот штаб ја напушти салата поради повреда на левата пета.
Тренерот Џеј Џеј Редик изјави дека рендгенските снимки се негативни, а Ривс ќе направи дополнителни прегледи по враќањето во Лос Анџелес. Редик ги отфрли стравувањата за повреда на Ахиловата тетива. До повредата, Ривс постигна 18 поени, со шест погодоци од 10 обиди, пет асистенции и три украдени топки за 25 минути.
Лука Дончиќ го заврши натпреварот со 32 поени, пет скока, пет асистенции и три украдени топки. Словенецот во последната четвртина го изврте десниот глужд по контакт со Кајл Кузма, но по натпреварот порача дека е добро. „Добро сум. Малку боли, но ќе бидам во ред“, изјави Дончиќ.
„Мораме да имаме менталитет дека следниот играч ја презема одговорноста. Губиме многу, многу добар играч. Се надевам дека не е ништо сериозно“, рече Дончиќ за повредата на соиграчот.
Резервистот Колин Секстон доби удар во главата при судир со Рајан Ролинс, поради што му беа потребни шевови над десното око, објасни Редик. Според Јаху спорт, Ривс оваа сезона во просек постигнува рекордни 25,2 поени по натпревар, а Дончиќ пред ова коло беше најдобар стрелец во лигата со 39,3 поени.
Лејкерс со учинок од 11-2 го имаат најдобриот старт во лигата. Следниот натпревар го играат дури в недела, на гостувањето кај Финикс, па повредените играчи ќе имаат неколку дена за закрепнување.
















