Русија се враќа на светските првенства во хокеј по одлука на КАС

Руската хокејска репрезентација на Светското првенство 2012
Фото: Alexey Chernyadyev / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Спортскиот арбитражен суд (КАС) во Лозана ја уважи жалбата на Хокејската федерација на Русија и пресуди дека руските репрезентации мора да бидат вратени на натпреварувањата на Меѓународната хокејска федерација (ИИХФ) во 2027 година. Според судот, безбедносните загрижености со кои ИИХФ ја образложи забраната “не се поткрепени со доволно докази”, пренесува Асошиејтед прес.

Одлуката се однесува на сите првенства на ИИХФ во 2027 година, меѓу кои и Светското првенство за мажи во Германија, закажано од 14 до 30 мај, светските првенства за јуниори до 20 и до 18 години, како и Светското првенство за жени.

Првиот турнир на кој Русија би можела повторно да настапи е Светското јуниорско првенство во Едмонтон и Ред Дир во Канада, кое почнува на 26 декември.

ИИХФ разочарана, но ќе ја почитува пресудата

Во официјалното соопштение на ИИХФ, федерацијата изрази разочарување од одлуката, но потврди дека ќе ја спроведе. Судот не се изјасни дали руските хокеари ќе настапуваат под своето знаме и со својата химна или со неутрален статус, па тоа прашање останува отворено.

Против враќањето на Русија јавно застана Германската хокејска федерација, домаќин на мајското првенство, а реакциите се особено чувствителни бидејќи на турнирот за мажи се пласираше и Украина. Новиот претседател на ИИХФ, Франц Рајндл, исто така доаѓа од Германија, пишува Би-би-си.

Во Москва одлуката беше пречекана со задоволство. Претседателот на Олимпискиот комитет на Русија, Михаил Дегтјарев, на “Телеграм” напиша дека барањата на руската страна се признаени како оправдани, а одлуката ја поздрави и Руската хокејска федерација.

Исклучени од 2022 година

Русија беше исклучена од меѓународните натпреварувања по инвазијата врз Украина во февруари 2022 година. Заедно со некогашниот Советски Сојуз, таа има 27 светски титули, една помалку од рекордерот Канада, а последното злато Русите го освоија во 2014 година, потсетува Ал Џезира.

Пресудата е една од најзначајните спортски одлуки поврзани со Русија во последните години и може да влијае и врз начинот на кој другите меѓународни федерации ќе пристапуваат кон руските спортисти.