Седлоски пред Словенија: Мора да тргнеме поофанзивно

Националната арена Тодор Проески во Скопје
Фото: kallerna / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Македонија утре од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ го игра последниот, шести натпревар во Групата 1 од Лигата Б на Лигата на нациите против Словенија. Селекторот Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција најави похрабар пристап, пренесува ФФМ.

„Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога на вакви дуели креирате по 2-3 шанси, треба да ги искористите. Словенија е компактна селекција и излегува моќно од дефанзива, но верувам дека со карактер можеме да дојдеме до трите бода. За составот ќе одлучам после официјалниот тренинг“, изјави Седлоски.

Според селекторот, атмосферата во тимот е на завидно ниво, а фудбалерите се во добра здравствена состојба. Единствена дилема е настапот на Димитар Митровски, кој поради повреда го пропушти дуелот со Шкотска во Глазгов.

„Се чувствувам подобро по повредата, тренирам нормално и вечерва ќе одлучиме дали ќе настапам или не. Словенија е компактна селекција, играат одлично на транзиција и верувам дека ќе одат на победа. Нам ни останува да дадеме максимум и да се обидеме да освоиме три бода“, рече Митровски, објави ФФМ.

„Ме радува што се вратив и жалам што не можев да помогнам минатиот месец на првите четири натпревари. Одигравме добро во Шкотска, но среќата не беше на наша страна. Мораме уште подобро и ако го презентираме на теренот тоа што го бара селекторот од нас, резултатите сигурно ќе дојдат“, истакна повратникот Дарко Чурлинов.

Македонија ги загуби сите пет натпревари во групата, постигна само еден гол, а прими 12 и веќе е сигурно дека испаѓа во Лигата Ц. Единствениот гол го постигна Елмин Растодер во 57мата минута при поразот од Шкотска со 2-1, со што беше прекината серијата од осум натпревари без постигнат гол. Македонија е без победа на последните 13 натпревари, а последниот триумф го забележа против Лихтенштајн со 5-0 во септември 2025 година, пишува Спортс мол.

Словенија, предводена од Бошјан Цесар, е втора со осум бода, еден повеќе од Шкотска, додека Швајцарија веќе го има обезбедено првото место. Со победа во Скопје, Словенците сигурно ќе бидат втори, а второто место ќе го задржат и ако Шкотска не ја победи Швајцарија, бидејќи имаат подобар меѓусебен скор со Шкотите. Првиот натпревар во Љубљана Словенија го доби со 2-0, со головите на Санди Ловриќ и Аљоша Матко.

Македонија во ова издание ги загуби и двата домашни натпревари, со 0-3 од Швајцарија и со 0-2 од Шкотска, а на претходните 24 натпревари во Лигата на нациите никогаш немаше загубено повеќе од два по ред. Во изданието 2024/25 македонската репрезентација ја освои групата Ц4 со 16 бода, а Енис Барди со шест гола е најдобар стрелец на Македонија во ова натпреварување, наведува Статс зон.