Шефот на СП во алпско скијање во Кран-Монтана си поднесе оставка по обвинението за измама

Шефот на СП во алпско скијање во Кран-Монтана си поднесе оставка по обвинението за измама
Фото: Le portfolio de Mr Eric Dubost / Wikimedia Commons (CC BY-SA 2.0)

Претседателот на организацискиот комитет на Светското првенство во алпско скијање во Кран-Монтана, Клод-Ален Шмидхалтер, во среда се повлече од функцијата, откако претходно истиот ден беше привремено суспендиран поради кривична постапка за измама. Тој истовремено си поднесе оставка и од функцијата потпретседател на Швајцарската скијачка федерација, објави Bluewin.

„Ја примам к знаење одлуката на Свис Ски и на организацискиот комитет на Светското првенство 2027 привремено да ме суспендираат од функциите до натамошно известување и ја почитувам таа одлука“, напиша Шмидхалтер во соопштението. Тој додаде дека оставката, која важи веднаш, не ја дава затоа што има нешто да си префрли, туку затоа што на шампионатот во моментов му е потребна јасност.

Судење на 27 октомври

Претходно швајцарската федерација соопшти дека Шмидхалтер е привремено суспендиран и како нејзин потпретседател, до судското рочиште закажано за 27 октомври. „Оваа одлука следи по подигнувањето обвинение против Клод-Ален Шмидхалтер од страна на јавното обвинителство на кантонот Вале“, се наведува во соопштението, во кое се нагласува дека кривичниот случај не е поврзан со спортот и дека важи претпоставката за невиност, пренесе ESPN.

Според швајцарскиот дневен весник Блик, Шмидхалтер ги негира обвинувањата дека го оштетил поранешниот партнер во својата инженерска фирма за околу 300.000 швајцарски франци. Тој треба да се појави пред Окружниот суд во Бриг.

Шампионат во сенка на трагедијата

Кран-Монтана ќе биде домаќин на Светското првенство во алпско скијање од 1 до 14 февруари 2027 година. Шампионатот ќе се одржи 13 месеци по разорниот пожар во бар во ова популарно скијачко одморалиште, во кој загинаа 41 лице, а 115 беа повредени. Сопствениците на барот и повеќе јавни функционери се соочуваат со обвиненија поврзани со трагедијата.

Организаторите сега ќе мора да најдат решение за раководењето со комитетот, четири месеци пред почетокот на најголемиот натпревар во алпското скијање во сезоната.