Шестмина од македонски клубови на поширокиот список на Србија

Ракометна репрезентација на Србија, архивска фотографија
Фото: Guillaume Baviere / Wikimedia Commons (CC BY 2.0)

Селекторот на ракометната репрезентација на Србија, Раул Гонзалес, го објави поширокиот список на играчи за Светското првенство во Германија, на кој се наоѓаат и шестмина ракометари од македонски клубови, пренесува Ер-те-ес.

Од Вардар на списокот се голманот Милан Бомаштар, десното крило Вукашин Воркапиќ и десниот бек Урош Митровиќ, наведува Дневник, кој го објави списокот со клубовите на играчите.

Повик добија и левиот бек на Алкалоид, Урош Борзаш, како и двајца играчи на Охрид, десното крило Дарко Ѓукиќ и левиот бек Никола Зечевиќ.

На списокот се и најпознатите српски ракометари, меѓу кои се голманите Дејан Милосављев од Кјелце и Владимир Цупара од Балинген, пивотите Драган Пешмалбек од Веспрем и Мијајло Марсениќ од Берлин, како и средните бекови Лазар Кукиќ од Сегед и Стефан Додиќ од Веспрем.

Од легионерите повик добија и левото крило Вања Илиќ од Екс ан Прованс, десното крило Матеја Додиќ од Нант, пивотот Лука Роган од Лајпциг, левиот бек Милош Кос од Вецлар и десните бекови Урош Којадиновиќ од Тулуз и Никола Црноглавац од АЕК. Од Загреб се повикани Јовица Николиќ и Алекса Туфегџиќ.

Најмногу играчи на списокот, вкупно шестмина, има шампионот на Србија, Партизан, од кој Гонзалес неодамна си замина како тренер. На поширокиот список има вкупно 35 ракометари, од кои седум голмани.

Светското првенство ќе се игра од 13 до 31 јануари 2027 година во Германија. Србија е во групата А заедно со домаќинот Германија, Уругвај и Тунис.

На шампионатот ќе учествуваат 32 репрезентации, поделени во осум групи со по четири екипи, а во следната фаза ќе продолжат трите најдобри од секоја група.

Натпреварите ќе се играат во Келн, Минхен, Кил, Хановер, Магдебург и Штутгарт, а завршницата е закажана за Келн.