Шпанската фудбалска федерација (RFEF) ги одложи сите 24 натпревари од првото коло на Купот на кралот, кои требаше да се играат во среда попладне и навечер. Одлуката е донесена во знак на почит и солидарност со жртвите на тешката железничка несреќа кај Урда, во провинцијата Толедо, пренесува Cadena SER.
Во судирот на два воза што сообраќале на линијата меѓу Мадрид и Андалузија загинаа најмалку 68 лица, а во возовите имало повеќе од 500 патници, пишува BBC.
„Како израз на почит и солидарност со сите жртви на трагичната железничка несреќа, RFEF одлучи да ги одложи 24те натпревари од првото коло на Купот на кралот. Во наредните денови федерацијата ќе ја соопшти новата програма и термините на одложените натпревари“, се вели во соопштението на федерацијата.
Бетис, Селта и Валенсија чекаат нов термин
Меѓу одложените натпревари се и гостувањата на петте првенствени тимови, Леванте, Алавес, Валенсија, Селта и Бетис. Бетис требаше да игра кај Навалкарнеро во околината на Мадрид, Селта во Саламанка, а Валенсија кај Тавернес.
Големите клубови, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, во натпреварувањето влегуваат дури во шеснаесеттинафиналето. Барселона и Реал Мадрид во своите соопштенија изразија сочувство до семејствата на жртвите и им посакаа брзо закрепнување на повредените.
Првите 18 натпревари од првото коло беа одиграни во вторникот. Натпреварите закажани за четврток засега остануваат на програмата, а конечната одлука за нив се очекува во текот на денот. Севиља, која игра во четврток, веќе ја откажа прес-конференцијата на тренерот Луис Гарсија Плаза.
















