Јаник Синер потврди дека цели кон враќање на теренот на Отвореното првенство на Австралија во јануари. Италијанецот на прес-конференција во Милано во вторникот рече дека пред тоа можеби ќе одигра и неколку турнири, пренесува Ај-еј-пи.
„Целта е да одам во Австралија, а можеби и пред тоа да одиграм неколку турнири. Сега морам да ги почитувам протоколите, бидејќи ако брзаме, може да имаме посериозни проблеми. Имам голема доверба во процесот и работам кон таа цел“, изјави Синер.
„На почетокот имавме во главата невозможна цел за моето враќање, па тргнавме по друг пат. Јас сум тенисер, не лекар, па единствената опција ми е да им верувам. Ми недостига тенисот, но сега е клучно да се грижам за телото, бидејќи сакам да играм уште 10 до 15 години“, додаде тој.
25-годишниот Италијанец не игра од јули, кога ја одбрани титулата на Вимблдон, поради повреда на десното колено. На 6 октомври соопшти дека нема да настапува до крајот на годината, а според италијанските медиуми, станува збор за синдром на илиотибијалната лента, наведува Тенис365.
Во меѓувреме, по 95 недели на врвот, го изгуби првото место на светската ранг-листа во корист на Германецот Александар Зверев. Синер најави дека веројатно ќе се врати на егзибицискиот турнир во Ријад кон крајот на декември, кој беше одложен поради конфликтот на Блискиот Исток, но нагласи дека таа одлука не зависи од играчите.
На настанот присуствуваше и Австралиецот Дарен Кехил, кој минатата недела се раздели со Синер по четири години соработка. Италијанецот рече дека Кехил за него е како втор татко и дека ќе останат блиски пријатели, а во тимот веќе е Швеѓанецот Магнус Норман.
„Норман долги години работеше со Вавринка и помина низ многу работи. Тој го прифаќа начинот на кој веќе работиме, што ми е важно за да не морам сè да менувам одново. Секоја година треба да додадам по еден процент за да напредувам“, рече Синер, пренесува Скај спортс.
Тој откри и дека по објавата за крајот на сезоната веднаш му се јавиле Матео Беретини и Џек Дрејпер, а порака му испратил и Карлос Алкараз. „За мене тенисот не е работа. Продолжувам да играм затоа што уживам во тоа“, порача Синер.
















