Виктор Вембањама постигна 32 поени и забележа 11 скока, а Сан Антонио Спарс во четвртокот навечер го совлада Лос Анџелес Клиперс со 124-112, пишува Еј-пи.
Стефон Касл додаде 21 поен и 12 асистенции, а Џулијан Шампањи 20 поени. Со оваа победа Спарс се вратија на победничкиот пат по поразот од Детроит со 105-93 во вторникот, со кој беше прекината нивната серија од 12 победи по ред. Според НБА, ова е 13та победа на тимот во последните 14 натпревари.
Вембањама погоди 13 од 26 шута од игра и по седми пат оваа сезона постигна најмалку 30 поени.
Сан Антонио играше без Дилан Харпер, кој се повреди на натпреварот против Детроит. Тој се лизна во последната минута и истегна мускул во пределот на левиот колк, а се очекува да паузира од една до три недели. Неговото место во ротацијата го зазеде Џордан Меклафлин, кој за 11 минути забележа пет скока и три асистенции, без ниту една изгубена топка, а Спарс во тој период постигнаа 16 поени повеќе од противникот.
По слабиот почеток, Касл со тројка му донесе на својот тим прво двоцифрено водство (38-28), четири минути по почетокот на втората четвртина. Осум минути пред крајот, Касл украде топка и му асистираше на Шампањи за тројка и водство од 105-97, но Брук Лопез и Макс Струс одговорија со две последователни тројки.
Слична слика се повторуваше во текот на целиот натпревар. Спарс дотогаш дозволуваа најмалку шутови за три поени во лигата, во просек по 32,9 на натпревар, но Клиперс упатија 42 шута за три поени и погодија 17. Сан Антонио погоди 11 од 31 обид.
Кај Клиперс, Дариус Гарланд и Лопез постигнаа по 23 поени, а Струс додаде 18, погодувајќи пет од осум шута за три поени. Спарс оваа сезона имаат 12 победи и само еден пораз на натпреварите на кои имале двоцифрено водство.
Клиперс во сабота гостуваат кај Далас, а Спарс истиот ден го пречекуваат Њу Орлеанс.
















