Струга Трим Лум ја совлада Шкендија и е нов лидер

Играч на Шкендија во Лига на шампиони квалификации
Фото: Aykhan Zayedzadeh / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Струга Трим Лум со минимални 1-0 ја победи Шкендија во 13тото коло од Првата македонска фудбалска лига и по одиграни 13 натпревари се искачи на првото место на табелата.

Единствениот гол го постигна репрезентативецот Христијан Малески со удар со глава по центаршут.

Натпреварот на Градскиот стадион во Струга започна турбулентно. Уште во третата минута судијата Стојанче Трпчевски досуди пенал за Шкендија, но по прегледот на ВАР-снимката првичната одлука беше поништена.

Гостите од Тетово во вториот дел имаа поголема иницијатива и контрола врз топката. Сепак, Струга ја искористи својата шанса и преку Малески дојде до водство.

Кон крајот на мечот судијата повторно покажа на белата точка во корист на Шкендија, но и втората одлука за пенал беше поништена по интервенцијата на ВАР.

Со трите бода Струга стигна до 29 поени и го престигна дотогашниот лидер Шкендија, која остана на второто место со 27 поени.