Традиционалната заедничка фотографија на осумте учеснички на завршниот турнир на ВТА оваа година изостана. Наместо групна фотографија, ВТА објави поединечни портрети на тенисерките, а според руските медиуми, причината е одбивањето на Елина Свитолина да позира со Арина Сабаленка и Мира Андреева.
Рускиот портал „Чемпионат“ објави дека Украинката не сакала да застане на иста фотографија со Белорусинката и Русинката. Според истиот извор, организаторите се обиделе да ги распоредат тенисерките така што Свитолина нема да биде до нив, но ни тоа не било доволно, пренесува Тенис ворлд УСА.
ВТА не потврди дека Свитолина е причината за промената. Во официјалното соопштение, портретите се претставени како нов пристап чија цел е да ги прослави „индивидуалноста, личниот стил и уникатната приказна“ на секоја учесничка, а во изјавата не се споменува никакво несогласување меѓу тенисерките, пишува Тенис ап ту дејт.
Свитолина уште од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година не позира за фотографии пред натпреварите и не се ракува по мечевите против тенисерките од Русија и Белорусија. Таа повеќепати бараше од нив јавно да го соопштат својот став за војната во Украина.
Ждрепката ги смести токму трите тенисерки во иста група. Свитолина, Сабаленка, Андреева и Каролина Мухова се во втората група, а Украинката го отвора турнирот во понеделник токму против Андреева.
Според италијанската Газета дело спорт, Свитолина има биланс од 17 победи и три порази против руски тенисерки во последните четири години. Нејзиниот тренер Ендрју Бетлс е отсутен поради раѓањето на неговото дете, па на завршниот турнир со неа е поранешниот тенисер Сергиј Стаховски.
Свитолина оваа сезона го освои турнирот од серијата ВТА 1000 во Рим, а на завршниот турнир настапува како седма носителка.
















