Тежок пораз од Дончиќ и Мавси, Мидлтон го одигра мечот на кариерата


Уште еден поткаст! Fat Cacko: Од гитара до Fat kitchen bistro и најдобриот бургер во градот ↓↓↓


Осум натпревари се одиграа во најсилната лига на светот, а голем дел од нив се очекуваше синоќа да бидат посветени на трагично загинатата легенда во НБА, Коби Брајант.

Далас Маверикс претрпе тежок пораз на домашен терен. Подобри од нив беа Феникс Санс со резултат 133:104 со фантастични партии на Девин Букер и ДеАндре Ејтон.

Букер го заврши мечот со 32 поени, девет асистенции и шест скокови, додека Ејтон промаши само два шута од игра (13/15) и го заврши натпреварот со 31 поен и девет скокови.

Лука Дончиќ беше запрен за 21 поен и шест скока за 25 минути на паркетот.

Неверојатниот натпревар го одигра Крис Мидлтон за Милвоки Бакс против Вашингтон Визардс. Тој постигна 51 поен, 10 скокови и шест асистенции во 36 минути на паркетот во победата од 151:131. Бредли Бил постигна 47 поени за Визардс.

Дербито се играше во Мајами, каде што Бостон Селтикс го совлада Мајами Хит 109:101.

Гостите од Бостон ги предводеше Гордон Хејвард со 29 поени и Џејлен Браун со 25 поени, додека Горан Драгиќ постигна 23 поени за Мајами.

Првиот избор на НБА драфтот Зион Вилијамсон игра се повеќе. Во победата на Пеликанците над Кливленд Кавалирс 125:111, тој одигра 30 минути и забележа 14 поени и девет скока.