Тиквеш со 3-0 го понижи Вардар на Арената

Центарот на Кавадарци, домашен град на Тиквеш
Фото: Borceto / Wikimedia Commons (CC BY-SA 3.0)

Тиквеш го совлада шампионот Вардар со 3-0 на Националната арена „Тодор Проески“ во натпревар од Првата македонска фудбалска лига. Со оваа победа тимот од Кавадарци се искачи на второто место на табелата, а за „црвено-црните“ ова е најтешкиот пораз во сезоната.

Гостите поведоа во 15тата минута. По брза акција во длабочина следуваше силен удар од далечина, а голманот на Вардар, Талески, беше излезен далеку од гол-линијата. Погодокот беше проверен со ВАР поради можен офсајд, но беше признат.

Вардар се обиде брзо да возврати преку Бабунски, но неговиот удар го одбрани Христијан Стевковски. Тиквеш потоа повторно беше конкретен. Во 41вата минута Лусианињо шутираше откосо од десната страна за 0-2, а и овој гол беше признат по проверка со ВАР.

На почетокот на второто полувреме тренерот на Вардар, Миодраг Божовиќ, внесе двајца нови играчи во нападот, Данев и Маневски, на местото на Бабунски и Диабате. Домаќините притискаа, а најдобрата шанса ја имаше Азер Омерагиќ во 58мата минута, но Стевковски двапати беше на висина на задачата.

Во 63тата минута Теодор Николовски ја проби одбраната на Вардар, го остави Цветковски зад себе и го постигна својот прв гол во сезоната за конечни 0-3. Стевковски до крајот ја сочува мрежата, иако Вардар создаде уште неколку прилики за почесен погодок.

Натпреварот се одигра пред празни трибини на западната страна, бидејќи организираните навивачи на Вардар ги бојкотираат натпреварите поради незадоволство од управата. По мечот се огласи и првиот човек на клубот, Миленко Неделковски, кој на социјалните мрежи напиша: „Тиквеш одличен, ние катастрофа“.

Двата клуба се сретнаа и минатиот месец во Купот на Македонија. Тиквеш тогаш победи на теренот, но Вардар продолжи во следната фаза по жалба поради неправилен настап на играч на противникот.

Во друг натпревар од колото, Скопје стигна до првата победа во сезоната, откако во Автокоманда го совлада Арсими со 2-1. Гордиќ во 41вата минута постигна гол со глава, во 52рата минута ударот на Гроздановски по одбивање заврши во мрежата за 2-0, а Мустафа во 68мата минута го намали заостатокот на гостите.