Легендата на американскиот фудбал Том Брејди повеќе не е дел од Бирмингем Сити. Клубот од Чемпионшипот го објави неговото заминување во соопштение насловено „Заминување на Том Брејди“, пренесува Би-Би-Си.
„Фудбалскиот клуб Бирмингем Сити изразува искрена благодарност до Том Брејди за неговата вклученост и непоколебливата поддршка на клубот во последните три години. Беше навистина неверојатно да имаме човек со искуството и страста на Том поврзан со клубот“, се вели во соопштението.
Брејди стана миноритарен сопственик во август 2023 година, кога влезе во партнерство со сопственичката група Најтхед Капитал, предводена од неговиот пријател и деловен партнер Том Вагнер. Тој имаше удел од 3,3 отсто и беше претседател на новоформираниот советодавен одбор, наведува ЕСПН.
Клубот не ја соопшти причината за заминувањето, ниту што ќе се случи со неговиот удел, пишува Гардијан. Според англиските медиуми, Брејди тешко ги усогласувал обврските во Бирмингем со работата како телевизиски аналитичар, а советодавниот одбор го напуштил откако ги продал акциите.
Периодот со Брејди беше бурен. Клубот го ангажираше Вејн Руни, но го отпушти по само 83 дена, а на крајот од таа сезона испадна во третиот ранг. Бирмингем таму остана само една сезона и брзо се врати во Чемпионшипот.
Брејди заминува во момент кога Бирмингем е на врвот на табелата во Чемпионшипот со 29 бода по 15 кола, пред конкуренцијата благодарение на подобрата гол-разлика. Во саботата екипата го совлада Свонзи со 2-1 на Сент Ендрјус.
Вагнер не крие дека целта е пласман во Премиер лигата, а клубот има планови и за нов стадион со капацитет од 62.000 места.
49-годишниот Брејди ја заврши кариерата во НФЛ во февруари 2023 година, по 23 сезони, со шест титули во Супербоулот со Њу Ингланд Патриотс и една со Тампа Беј Буканирс. Тој има удел и во Лас Вегас Рејдерс и во женскиот кошаркарски клуб Лас Вегас Ејсес, а работи како главен аналитичар за НФЛ на Фокс спортс.
















